Објавен конкурс по повод светските денови на штедењето и осигурувањето

Народната банка на Република Македонија (НБРМ), Министерството за финансии и Агенцијата за супервизија за осигурување (АСО) го објавија конкурсот за ученици од основното и средното образование, којшто веќе неколку години наназад е заедничка активност по повод одбележувањето на Светскиот ден на штедењето – 31 октомври и Светскиот ден на осигурувањето – 1 ноември.

 

Конкурсот има за цел да ја поттикне креативноста, имагинацијата, како и критичкото размислување на учениците при создавањето творби на темите штедење и осигурување. Институциите очекуваат дека на овој начин ќе придонесат за натамошно интересирање и едуцирање на младата популација за овие два клучни сегмента во финансиската сфера. 



Во конкурсот се одредени две теми на кои учениците од основните училишта можат да се јават со испраќање литературна творба – песна и ликовна творба – цртеж: „И јас умеам да штедам“ и „Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството“.

 

По завршување на конкурсот ќе бидат избрани по три најдобри литературни и ликовни творби на двете теми. На авторите на избраните творби ќе им бидат доделени парични награди.



Годинава, првпат, на конкурсот, учениците од средните училишта можат да испратат литературна творба – есеј на тема „Штедам – мислам на својата иднина“.



Учениците од средното образование можат да конкурираат и со литературна творба – расказ на тема: „Што значи за мене осигурувањето на домот и семејството“. На авторите (ученици) на трите најдобри есеи и раскази ќе им бидат доделени парични награди.


Крајниот рок за доставување на творбите е 15 октомври 2018 година.



Пристигнатите творби ќе ги разгледуваат и ќе ги оценуваат комисии формирани од претставници на трите институции коишто го распишаа конкурсот. Списокот на наградените ученици, датумот и локацијата на доделувањето на наградите ќе бидат објавени најдоцна до 31 октомври 2018 година, на интернет-страниците на трите институции.



 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.