Предлог – законот за инспекциски надзор остава простор за злоупотреба, смета бизнис заедницата

Предлог-законот за инспекциски надзор кој е во постапка, содржи позитивни одредби во делот на воспоставување подобар систем на опомена пред санкција, како и на воведување листи на проверка кои ќе бидат задолжителни и врз основа на кои инспекторите ќе вршат редовен надзор кај правните субјекти, но постојат повеќе забелешки кои произлегоа од заедничката иницијатива на приватниот сектор изразени преку Платформата за јавно-приватен дијалог (ПЈПД).

 

Нивното прифаќање од страна на надлежниот орган ќе претставува добар пример за дијалогот меѓу власта и приватниот сектор, соопштија денеска стопанските комори.

 

Според коморите, потребно е да се прецизира дека листите на проверка ќе ги опфатат сите прашања од соодветната област за која се спроведува надзор. Со сегашното решение на приоритетни прашања во целост не се исполнува едукативната улога и усогласеноста на компаниите со законските обврски, напротив повторно се остава простор за злоупотреба.

 

-Листите треба да бидат креирани по сектори и тоа на прегледен начин, заедно со систематизирани подзаконски акти. Платформата за јавно-приватен дијалог препорачува се ова да биде лесно достапно за јавноста и објавено на една интернет страница. Исто така треба да се прецизира дека опомената претставува задолжителна и примарна инспекциска мерка. Со тоа вистински ќе се постигне едукативната улога во спроведувањето на надзорот, а утврдувањето на нерегуларностите да биде спроведено врз основа на знаење, стручност и објективност од страна на инспекторите. Овој принцип ќе се засили и со јасно дефинирање на терминот „контролен“ надзор за ризикот од злоупотреба да се сведе на минимум, наведуваат стопанските комори.

 

Потребна е, велат, и одредба според која сите инспекторати ќе постапуваат согласно унифицирани подзаконски акти, систематизирани на начин кој соодветствува за областа за која се врши надзор, за да нема различни толкувања и изрекувања на различни казни за исти основи.

 

-Промените на Законот за инспекциски надзор треба да придонесат во подобрување на бизнис климата, поголема правна сигурност и градење на доверба во институциите од страна на приватниот сектор.  Сметаме дека разгледувањето и усвојувањето на посочените предлози ќе помогнат во создавање квалитетно законско решение и заеднички ќе придонесеме за успешно спроведување на реформата на инспекцискиот надзор, стои во заедничкото соопштение.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.