Тевдовски: По влезот во НАТО повеќе инвестиции, вработеност и економски раст

Членството во НАТО имаше огромно влијание врз економскиот развој на другите земји во регионот и не постои причина зошто тоа не би било случај и со Македонија, истакнал министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на Форумот на Централна и Југоисточна Европа „Еуромани“ што се одржува во Виена.

 

Тевдовски, како што соопшти Министерството за финансии, посочил дека странските директни инвестиции во земјите кои станале членки на НАТО се зголемиле најмалку двојно како процент од БДП, а кај некои држави, како на пример Буарија, се зголемиле трипати.

 

За Македонија, Тевдовски нагласил дека инвеститорите, покрај за економските показатели, се многу заинтересирани и за напредокот во евроатланските интеграции.

 

– Економските влијанија од овој напредок се огромни. Во историски нестабилен регион и имајќи ги предвид случувањата изминатите неколку години, членството во НАТО претставува потврда за долгорочна стабилност и одржливост. Ова ќе придонесе за едноставно и брзо отстранување на сомнежите и стравот кај инвеститорите во минатото. Економските придобивки ќе бидат значителни и брзи, што значи поголеми странски, како и домашни инвестиции во нашата земја, што, пак, несомнено ќе резултира со повисок извоз, поголема вработеност и повисоки плати, како и подобрен животен стандард за нашите граѓани, подвлекол Тевдовски.

 

Во поглед на макроекономската стабилност посочил дека Владата е посветена на спроведување на постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит на среден рок за контролиран јавен долг. Наплатата на приходите во буџетот оценил дека е одлична и оти приходите од даноци во Буџетот се целосно во линија со проекцијата на Министерството.

 

– Одличната наплата на даноци и придонеси, заедно со другите економски индикатори е јасен показател дека економијата се опоравува, нагласил Тевдовски.

 

Тој посочил дека се значајни достигнувањата што земјата ги има направено во фискалната транспарентност и во тој контекст споменал дека „Граѓанскиот буџет“ добил веб-апликација, дека се објавени заостанатите обврски во јавниот сектор и оти се прават финални подготовки за објавување на платформата со која јавноста ќе може во реално време да ги следи исплатите од трезорот. – Исто така, Македонија наскоро ќе влезе во земјите кои ги достигнуваат СДД+ стандардите, кои се највискои статистички стандарди, рекол Тевдовски.

 

На форумот „Еуромани“ учествува и гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска.

 

Форумот е еден од водечките настани од областа на финансиите во Европа и на него годинава учествуваат 1.300 учесници – министри за финансии, гувернери на централни банки, директори на финансиски институции и инвеститори.

 

Планирано е министерот за финансии Тевдовски да оствари и повеќе средби со меѓународни инвеститори и финансиски институции.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.