Стапува на сила Законот за практиканство, бенефит ќе имаат и компаниите и невработените лица

Од утре стапува на сила Законот за практиканство со кој во земјава законски се уредува практикантската работа со што ќе се овозможи непречено стекнување на практично искуство на невработените лица, зголемување на нивните вештини и полесно вклучување на пазарот на труд.

 

Новото законско решение им дава можност на компаниите под посебни услови да ангажираат практиканти, притоа за својот ангажман, регулиран со договор, тие ќе добиваат паричен надомест како и менторство од искусни и стручни лица во компанијата. Со тоа невработените лица добиваат можност да се стекнат со стручни и практични вештини, кои најчесто покрај формалното образование се критериум при вработување, а работодавачите ќе добијат можност да едуцираат кадар по своја мерка и да бираат на пазарот на труд од повеќе стручни лица.

 

Практикант може да биде невработено лице на возраст до 34 години, а потребата од практикант работодавачите ќе ја изразуваат со објавување на јавен оглас кој треба да содржи информации за условите за практикантство. Законот дефинира минимален период на практикантство од еден месец и максимален од 6 месеци, како и правило еден практикант да може да врши практикантска  работа само еднаш кај ист работодавач.

 

Максималниот број на практиканти кај работодавачите ќе зависи од бројот на вработените на неопределено работно  време кај работодавачот во претходните три месеци пред ангажирање на практикантот. Законот предвидува обврска за плаќање надоместок за време на практикантската работа на практикантот од страна на работодавачот, и тоа во висина од 42% до 74% од минималната нето-плата во земјава исплатена во претходната година. Ова се однесува на практикантство до 3 месеци, додека за практикантската работа подолга од три месеци месечниот надоместок кој работодавачот треба да му го исплати на практикантот треба да биде во висина на минималната нето-плата утврдена со закон.

 

Целата практикантска работа мора да биде поткрепена и регулирана со Договор за практикантство со кој се уредуваат односите, правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот. Законот забранува склучување договор за практикантство за замена на постојно работно место, а за време на практикантската работа практикантот не ги губи правата по основ на невработеност и правата од областа на социјалната заштита утврдени и стекнати во согласност со закон. Работодавачот има обврска секој склучен договор да го пријави во Агенцијата за вработување.

 

Со ефикасна примена на Законот се очекува позитивен ефект да имаат и работодавачите кои на пазарот на труд ќе може да најдат повеќе лица со практични вештини и знаења за одредени работни задачи. Ако се земе предвид долгогодишното укажување на бизнис заедницата за потребата од законско регулирање на практикантската работа, овој Закон се очекува да донесе позитивни ефекти на пазарот на труд и во економијата воопшто.

 

 Законот за практиканство е објавен во Службен весник број 98 на 21 мај.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.