Арсовска: Не ни треба „мал шенген“ со Србија и Албанија, туку реформи за влез во ЕУ

Не ни треба „мал шенген“ со Србија и Албанија, туку реформи за влез во ЕУ, вели претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска.

 

Ова го изјави по најавата на српскиот претседател, Александар Вучиќ дека премиерите на Македонија и на Албанија, на 9 и 10 октомври  во Србија ќе присуствуваат на состанок посветен на отстранување на царинските бариери, односно понатамошно отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на трите држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги.

 

„Под изговор дека економското здружување е важно и дека ова е чист економски интерес за нашите земји да ги отстранат царинските и трговските бариери, се заговара нова изолација во микро регион каде Белград ќе ги води Скопје и Тирана во економски поход.  За Србија имаме одлична геостратешка позиција и важно е Србија да има пристап до Грција и албанските пристаништа. Но што ќе има Македонија од овој концепт, освен пристап до затворен систем од 3 држави кои наместо да се интегрираат во ЕУ, ќе бидат убедувани дека одлично е и ова решение. Кога на исток и југ граничиме со земји на ЕУ логично би било приоритет да ни е зголемување на таа соработка и интеграција кон единствениот економски пазар на ЕУ“, вели Арсовска.

 

Споре неа, во време кога сме условно пред вратите на НАТО и со можности за отпочнување преговори со Европската Унија, чудна е идејата да влеземе во „мал шенген“ со Србија која има различни определби од македонските во надворешната политика. Од друга страна, вели Арсовска, Албанија во сите извештаи на ЕУ е чекор зад Македонија во напредокот и оваа насока на превземање чекори за заедничко економско делување не би придонело значително за наш побрз развој.

 

„Како да не ни беше доволно тоа што сме сегрегирани во гетото Западен Балкан, сега во уште помал формат ќе се изолираме во „мал шенген“, со некаква илузија дека така економски ќе процветаме. По ретрограден став од овој одамна не е понуден, мал шенген за Србија, Македонија и Албанија е идеја која треба да згасне уште пред да се роди.Зошто би правеле вакви микро економски сојузи кога целта треба да ни е да ги спроведеме структурните економски реформи потребни да станеме дел од единствениот економски пазар на Европската Унија, а не вечно да чекаме пред вратите на ЕУ како диво месо отцепено од интеграциите со утеха на тоа дека сме дел од некаков "мал шенген". Не, благодариме“, рече Арсовска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.