Ангеловска: Капиталните инвестиции се реализирани 78 отсто

Капиталните расходи во буџетот за 2019 година се реализирани 78 отсто во однос на проекцијата. Во апсолутен износ капиталните инвестиции изнесуваат 17,8 милијарди денари, што е 5,7 милијарди повеќе во однос на 2018 година или 46,6 отсто повеќе, рече министерката за финансии, Нина Ангеловска, презентирајќи ги првичните податоци за реализација на буџетот за 2019 година.

 

Како што посочи, реализацијата на капиталните расходи во декември била исклучително добра со реализација на 6,7 милијарди денари капитални расходи во рамките на кои се реализирани набавка на лесни оклопни возила за потребите за НАТО-членството, гасификација, откуп на акции од АД „Гама“, инвертери, колекторскиот систем во Охрид и други проекти.

 

„Ќе истакнам дека треба да продолжиме да работиме на подобрување на реализацијата на капиталните расходи. Еден од начините на кој може да се влијае е фискалната транспарентност. Кога ја објавивме алатката за капитални расходи, со кои на располагање ѝ ја ставивме на јавноста реализацијата според буџетски корисници, веднаш потоа имавме подобра реализација речиси кај сите буџетски корисници. Понатаму, при планирањето на годинешниот буџет, при утврдувањето на сумите кај капиталните проекти го зедовме предвид и поведението на буџетските корисници, односно претходната реализација на капиталните проекти. На долг рок подобра реализација на капиталните расходи ќе обезбедиме преку подобрување на среднорочното планирање на буџетот, како и преку воведување интегриран систем за управување со јавните финансии предвидени со новиот закон за буџети“, рече Ангеловска.

 

Таа како буџетски корисници кои имале највисока реализација на капитални инвестиции како процент од планираното и како апсолутен износ на реализација ги посочи Министерството за транспорт и врски со 3,4 милијарди денари или 85,4 отсто од проекцијата, Владата со реализирани 2,9 милијарди денари или 98,9 отсто, Министерството за одбрана со 1,2 милијарда денари или 81,3 отсто, Министерството за внатрешни работи со 931 милион денари или 92,2 отсто, Министерството за финансии со 908 милиони денари или 87,9 отсто реализација и Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството со 718 милиони денари и 99,7 отсто реализација.

 

Ангеловска рече дека буџетските приходи се реализирани во износ од 203,9 милијарди денари, што е 97 отсто од проекцијата и е раст од 8,2 отсто во однос на 2018 година. Во рамките на вкупните приходи, даночните приходи и придонесите се реализирани во износ од 97,2 отсто или 178,9 милијарди денари, што е зголемување од 4,6 отсто во однос на 2018 година. Придонесите се реализирани во износ од 101,2% отсто, а данокот на додадена вредност е реализиран во целосен износ од проектираното, односно 100 отсто или во апсолутен износ 52,1 милијарди денари и тој е 5,7 отсто повисок во однос на минатата година.

 

Вкупните расходи во 2019 година година се реализирани во износ од 217,6 милијарди денари (3,5 милијарди евра) или 95,3 отсто од проектираното со буџетот. Ангеловска посочи дека со овие средства редовно се сервисирале обврските на државата, како редовна исплата на платите и пензиите, на социјалните трансфери, субвенциите, блок-дотациите кон општините итн.

 

Буџетскиот дефицит за 2019 изнесува 13,6 милијарди денари или 1,95 отсто од проектираниот БДП за 2019 година и за негово финансирање, како и за отплата на долгот се користеле домашни и странски извори, односно 148,7 милиони евра нето-повлекување преку државни хартии од вредност, 125 милиони евра ДПЛ-кредит од Светската банка, како и дел од депозитот од претходната година.

 

Министерката за финансии посочи дека економијата е во добра кондиција со раст од 3,6 отсто во првите три квартали од 2019.

 

„Овој раст е на широка основа, односно имаме раст и во градежништвото и индустријата со 5,6 отсто раст од почетокот на годината, заклучно со третиот квартал, и во земјоделството со 4,2 отсто, во бруто-инвестициите со раст од 5,3 отсто, потрошувачката со 3,8 отсто и извозот со 12,2 отсто раст, заклучно со третиот квартал“, рече Ангеловски и посочи дека и вработеноста продолжила да расте, така што во третиот квартал од 2019 година има 40 илјади лица повеќе вработени во однос на третиот квартал од 2018 година.

 

Просечната плата во согласност со последните податоци на Државниот завод за статистика во октомври изнесува 25.726 денари или тоа е годишен раст од 3,7 отсто, рече Ангеловска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.