Кочоска: Недозволиво е министер за финансии да не знае дали има пуштено налог во трезорот за исплата на плати

„Веќе подолго време Нина Ангеловска се фали со реализацијата на капитални инвестиции од 78% за 2019 година, а тоа значи шминката на податоци и понатаму продолжува.

 

Нина знае да шминка, но не знае што се случува во трезорот на министерството и дали се исплатени плати за вработените во градинките и образованието, она што треба да ` биде приоритет, бидејќи македонските граѓани живеат од плати и секое задоцнување е стресно за нив“, се вели во реакцијата на дополнителниот заменик-министер во Министерството за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

 

„Наместо Нина Ангеловска да шета и да посетува корзо во Ѓорче Петров, треба да се посвети на она што ` е работа и на она за што зема пари од граѓаните. Недозволиво е министер за финансии да не е запознаен, со тоа дали има пуштено налог во трезорот за исплата на плати. Додека вработените во градинките и образованието чекаат плата, Нина Ангеловска се однесува како да е министер без ресор, а не министер за финансии.

 

Владата во заминување, по одлуката за предвремени парламентарни избори во октомври 2019 година, ги забрза сите активности и донесе разно-разни одлуки и предлог-закони, кои требаше да ѝ помогнат во намерите финансиите и економијата да ги претстави во розово светло.

 

За да може да прикажат некаква капитална инвестиција и вештачки да го подигнат процентот на капиталните инвестиции, Владата на седница одржана на 16.12.2019 година разгледувала и донела олука за одобрување на средства од буџетот на Македонија за 2019 година, за купување на делот на ГА - МА АД Скопје во износ од преку 2 милијарди денари (2.020.000.000,00 денари) или 33 милиони евра, средства кои ги исплати на 30.12.2019 година и тоа кон Национални енергетски ресурси - НЕР (порано Македонски енергетски ресурси). Со оваа постапка јасно е дека реализација на капитални инвестиции нема, а средствата се ненаменски алоцирани. Ваквата политика носи директни трошоци на буџетот по основ на камати, кои до овој период изнесуваат над 100 илјади евра.

 

Без оваа трансакција, која всушност не е реализирана, односно Владата сè уште ги нема откупено акциите од АД Макпетрол, капиталните инвестиции во однос на основниот буџет за 2019 година би изнесувале 60,81%, што е очајно ниско ниво на реализација. Ако владата сакаше да реализира ваква капитална инвестиција, зошто навреме не презема конкретни мерки со цел да имаме вистинска реализација, а не вака да создава долгови а притоа и Макпетрол да остане неподмирен?“, додава таа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.