Лукаревска: Одобрени 21.542 барања од компании за поддршка за исплата на плати

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, на денешната прес-конференција ги соопшти резултатите од одзивот на владините мерки од економските пакети за поддршка на стопанството од последиците од корона кризата.

 

Таа оцени дека досега одобрени се 21.542 барања од компании за поддршка за исплата на плати.

 

Барањата ќе се обработат и потврдат во рок од три дена и ќе се достават до Генералниот секретаријат на Владата од каде ќе се врши исплатата на средствата за месец април 2020 година.

 

Како што појасни Лукаревска, од вкупниот број на поднесени барања од компании, најмногу се од угостителската дејност - 2.377 барања. Понатаму барања за исплати на плати поднеле 253 туристички агенции, 2.177 компании од областа на транспортот, 258 објекти за сместување и 16.625 останати дејности.

 

Таа напомена дека сите работодавачи, со комплетно барање по обработка на МПИН-образецот ќе бидат информирани за вкупниот износ на финансиска поддршка која ќе им биде исплатена.

 

Согласно донесената Уредба со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност, тие имаат можност да користат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во износ од 14.500 денари месечно.

 

За остварување на правото, физичкото лице кое врши самостојна дејност поднесува Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства на физички лица кои вршат самостојна дејност (образец БСФ-СВД) до Управата за јавни приходи. Оваа група на даночни обврзници поднеле 2.164 барања за финансиска поддршка за исплата на плата за месец април 2020 за своите вработени од кои:  угостителска дејност – 369; објекти за сместување - 11; туроператори - 1; транспорт - 136; останати -1.647.

 

Преку Уредба со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување, со која се овозможува на работодавачите за месеците април, мај и јуни 2020 за секој осигуреник да користат субвенција за исплата на придонесите од задолжително осигурување, најмногу до 50% пресметани на просечната бруто плата по работник во РСМ, според податоците на Државниот завод за статистика објавена во месец јануари 2020 година.

 

За остварување на правото на субвенционирање, работодавачот поднесува Барање за субвенционирање на износ за исплата на придонеси од задолжително осигурување (образец БС-ПЗСО) до УЈП. Поднесувањето на барањето се врши преку системот е-Даноци, а комплетноста на барањето го потврдува Управата за јавни приходи во рок од 5 дена од доставувањето на барањето.

 

Поднесени се вкупно 816 барања (образец ДЛД-ОМА), а прифатени се 597 барања.

 

За мерката ослободување на износот на аконтации од данок на добивка (образец ДД-ОМА), вкупно поднеле 1019 даночни обврзници, а прифатени се барањата на 747 даночни обврзници и тоа: 149 од дејност транспорт; 114 од дејност угостителство; 79 од дејност туризам; 405 од останати дејности.

 

Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за данокот на додадена вредност, се предвидува издавање на електронска фактура, со што се олеснува работењето на даночните обврзници во периодот на кризата.

 

„Сакаме да потсетиме дека со донесувањето на Уредбата со законска сила за примена на Законот за даночната постапка се намалува процентот на каматата за задоцнето плаќање од 0,03% на 0,015%. Исто така, Управата за јавни приходи согласно оваа Уредба нема да објавува листа на должници на доспеани и неплатени долгови за месеците април, мај и јуни 2020 година“, рече Лукаревска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.