Апел од НБРМ: Пензионерите да извадат картички заради заштита на јавното здравје

По известувањето дека сите банки се подготвени да ја реализираат предвремената исплата на мајските пензии, Народната банка апелира пензионерите коишто поседуваат дебитна картичка и од среда ќе располагаат со својата мајска пензија, заради заштита на јавното здравје да настојуваат секогаш кога имаат потреба од готовина, за таа цел да ги користат банкоматите.

 

Со тоа ќе придонесат за помало физичко присуство во банките и ќе им дадат предност на пензионерите коишто во моментот не поседуваат дебитна картичка. Во трговската мрежа, секогаш кога е можно, најсоодветно е плаќањата да се вршат безготовински – со употреба на картичката.

 

НБРМ апелира при посета на филијалите и експозитурите на банките, пензионерите коишто досега не поседуваат дебитна картичка, да поднесат барање за изработка на картичка поврзана со нивната сметка. На тој начин, нивните средства ќе им бидат достапни во секое време, без да треба да ги посетуваат филијалите и експозитурите за да подигнат готовина.

 

Граѓаните коишто се во други возрасни групи, особено во текот на готовинската исплата на пензиите, при посета на филијалите и експозитурите на банките, да им дадат предност на пензионерите коишто имаат потреба од банкарски услуги.

 

При една посета на филијала/експозитура да се реализираат сите банкарски услуги за коишто клиентот смета дека во овој период е потребно физичко присуство во банките.

 

При посета на филијалите и експозитурите да се почитува обврската за задолжително носење лична заштитна опрема (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, марама или шал, бандана и слично).

 

Да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост од другите лица, пред и во објектите на банките.

 

Според веќе објавениот распоред, исплатата на мајските пензии за пензионерите коишто не поседуваат дебитни картички ќе се спроведе по групи:

· во среда, 27 мај – пензии со висина до 11.000 денари;

· во четврток, 28 мај – пензии во висина од 11.001 денари до 14.000 денари;

· во петок, 29 мај – пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари;

· во понеделник, 1 јуни – пензии во висина над 18.000 денари.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.