Мицкоски: Извозот е паднат 60 проценти, пакетите за поддршка да важат за јули и август

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќање порача дека пакетите за поддршка треба да важат во текот на летните месеци бидејќи економијата бележи пад во последните месеци.

Катастрофалниот низок раст на македонската економија во првиот квартал изнесува малку повеќе над нулата или цели 0,2 проценти, рече Мицкоски и нагласи дека за разлика од нас, Србија книжи раст од 5 отсто, понатаму Турција од 4,5 отсто, Хрватска 0,4 отсто, соседна Бугарија од 1,2 отсто.

„Сите овие што неколкукратно имаат поголем БДП од нас во првиот квартал го демантираат она што го велеше Зоран Заев и во парламентот кога ја примопредаваше функцијата премиер и сето она што понатаму го спомнуваа ресорните министри дека блескаме, а економијата ни е на прав пат“, вели Мицкоски.

Втор индикатор, кој според него е загрижувачки, е намалувањето на извозот во првите четири месеци од годината.

„Имено, падот во април изнесува цели 60 отсто на извозот. Ќе повторам, македонската економија успеала да извезе стоки во светот 60 отсто помалку овој април во споредба со април во 2019 година, а во првите четири месеци, почнувајќи од 1 јануари и завршувајќи со 30 април, македонската економија успеала да извезе 21,5 отсто помалку стока во споредба со истиот период во 2019 година. Во првите четири месеци од 2020 година македонската економија успеала да извезе 21,5 отсто помалку од тоа што го направила за истиот период во 2019 година“, додаде Мицкоски.

Тој нагласи дека е катастрофална ситуацијата во реалниот сектор и стопанството.

Мицкоски апелира до Владата да ги продолжат мерките за помош на реалниот сектор и стопанството и да не завршат заклучно со мај, односно да бидат продолжени и за јуни, јули и за август.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.