Над 1.000 физички и правни лица од туристичко-угостителскиот сектор ќе добијат финансиска помош

Над 1.000 физички и правни субјекти аплицираа на петте јавни повици за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, кој минатиот месец ги објави Министерството за економија. Сите што аплицирале ќе добијат државна помош, информира министерот за економија, Крешник Бектеши.

Тој денеска на средба со претставници од туристичко-угостителскиот сектор информира дека е задоволен со бројот на апликации, пред сѐ, бидејќи финансиската поддршка е наменета за оние што беа најпогодени од пандемијата.

„Во четвртиот сет имавме неколку мерки, кои предвидуваа директна поддршка на секторот туризам и угостителство. Минатата недела на 4 декември заврши рокот за аплицирање на петте јавни повици што ги објави Министерството за економија, а се однесуваат за мерките за поврат на платена туристичка такса за 2019 година, како и директни грантови за туристички агенции, туристички водичи, игротеки и ноќни клубови. Во Министерството за економија согласно со крајниот рок пристигнаа над 1.000 апликации, а денеска сакам да информирам дека сите што аплицирале ќе добијат финансиска помош“, рече Бектеши.

Тој рече дека заедно со претставниците од туристичко-угостителскиот сектор веќе се работи на креирање на програмите и мерките за поддршка за следната година за што во предлог-буџетот на Министерството за економија за 2021 година веќе се предвидени финансиски средства.

„Очекуваме в година, по стивнувањето на пандемијата, секторот туризам и угостителство полека да се врати на стапките на раст што ги имавме во 2019 година за што Министерството за економија е во континуиран дијалог со овој сектор за креирање мерки што ќе имаат најдобар резултат“, рече министерот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.