Лукаревска: 181 работодавачи не исплатиле плати на 753 работници за месеците февруари и март

Вкупно 181 работодавачи не исплатиле плати на своите вработени истакна на прес конференција директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца. Според Лукаревска, не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената, но неисплатена финансиска помош се проценува на вкупно 12.071.908 денари или 2.738.715 денари за февруари и 9.333.193 денари за март.

Најголем дел од работодавачите кои не исплатиле плата се од Скопје, 71, потоа од Тетово 53 и 27 се од Битола, истакна Лукаревска.

Таа потенцира дека на работодавачите кои не дале плати, а земале финансиска помош веќе им се доставени опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот.

Лукаревска кажа дека ќе продолжат контролите за работодавачите кои не го испочитувале законот.

Присилна наплата, рече Лукаревска е спроведена кај работодавачите кои не исплатиле плати за периодите април, мај и јуни, како и октовмри, ноември и декември.

Според неа доставени се опомени, а по истекувањето на рокот, следува присилна наплата како и глоба од минимум 500 до 10.000 евра во зависност од големината на правното лице, рече Лукаревска.

Таа најави дека до Генералниот секретаријат ќе биде испратена нова листа за јавна објава и известување и за понатамошни дејствија до ОЈО.

Највисокиот износ на финансиска поддршка е 21.776 денари месечно по работник.

Таа информираше дека од 3.853 даночни обврзници, на 2.286 даночни обврзници им се генерирани решенија за враќање на финансиска помош, додека 1.558 не треба да ја вратат финансиската помош.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.