(Видео) Владата да покрива 80, а Град Скопје и општините 20 отсто од разликата во сметките за парно, предлагаат Бектеши и Бислимоски

Министерот за економија, Крешник Бектеши, и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска на прес-конференција во Владата информираа дека, по координација со сите надлежните институции од енергетскиот сектор и консултации со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), се предлага на компаниите што имаат лиценца за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие Владата во најголем дел.

„Иако Град Скопје и општините во склоп на Градот, кои се надлежни за создавање услови за вршење енергетски дејности за континуирано снабдување со топлинска енергија, поради непреземање мерки за справување со настаната состојба, со цел обезбедување континуитет и сигурност во снабдувањето со топлинска енергија, предлагаме разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија да ја покрие Владата од буџетот во висина од 80 проценти, а преостанатите 20 отсто, со цел да се затвори целата финансиска конструкција и да се обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија за корисниците на топловодната мрежа, да ја покријат Град Скопје и општините во градот“, изјави министерот Бектеши.

 

 

Бектеши информира дека разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија, Владата во име на потрошувачите корисници на топлинска енергија, односно домаќинствата и јавните институции, средствата ќе ги уплати на БЕГ, а БЕГ ќе им ги намали сметките на потрошувачите.

„Односно, потрошувачите нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија“, рече министерот и ги повика Град Скопје и општините во склоп на Град Скопје во рамките на своите буџети да се вклучат во поддршка на домаќинствата и институциите корисници на топлинска енергија со цел да се ублажи притисокот од ликвидноста што ја имаат компаниите што снабдуваат со топлинска енергија во Скопје.

Претседателот на РКЕ, Бислимоски, истакна дека со овој предлог се решава проблемот со набавката на гас.

„По повиците на РКЕ, а во координација со Владата, најдено е решение за сигурна и стабилна испорака на топлинска енергија. Во неколку наврати кажав дека сите страни мора да се солидаризираат и секој да помогне во рамките на својата надлежност. Граѓаните не може и нема да го понесат товарот од енергетската криза“, рече Бислимоски.

Според него, доколку се прифати предлогот, ќе биде донесена нова одлука за цената на топлинска енергија.

„Разликата од актуелната до реалната цена ќе биде покриена од страна на Владата во име на граѓаните со цел да се заштитат потрошувачите и да се амортизира ценовниот шок. На овој начин ќе се помогне директно на компаниите да набават гас, односно на ТЕ-ТО во име на БЕГ“, рече Бислимоски.

Според претседателот на РКЕ, граѓаните ќе добијат исти сметки, а разликата од актуелната до реалната цена БЕГ директно ќе ја анулира на крајната сметка што ќе ја добијат потрошувачите.

„Сите треба да покажат солидарност во овие услови на незапаметена енергетска криза со цел да се намалат ефектите од неа врз граѓаните. Уште еднаш сакам да кажам дека обезбеден е природен гас, проблем се финансиите за набавка на гас. Доколку предлогот биде прифатен од компаниите, Град Скопје и од општините, проблемот ќе биде решен“, потенцира Бислимоски.

На прес-конференцијата министерот Бектеши истакна дека овој предлог, доколку биде прифатен, ќе се однесува за цела година, со тоа што Владата ќе го покрие најголемиот дел или околу пет милиони евра, Град Скопје и сите општини во склоп на Градот ќе имаат вкупен трошок од речиси еден милион евра.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.