Обука за спроведување на локален референдум во Бутел

Во Општина Бутел се одржа предавање за тоа како се спроведува референдум на локално ниво во рамки на проектот ,,Јакнење на капацитетите за спроведување на референдум на локално ниво” во организација на Институтот за стратешки истражувања и едукација.

 

Претставникот на проектот Проф. д-р Дарко Спасевски од Правниот факултет ,,Јустинијан Први” рече дека многу често граѓаните се прашуваат дали како граѓани се доволно силни да ги сменат работите или да влијаат врз некоја работа која е важна за нив. Исто така, понекогаш имаат дилема дали политичарите во нивно име може да донесат одлуки кои се во најдобар интерес.

Целта на граѓанските иницијативи како што е локалниот референдум е да овозможи граѓаните самите непосредно да изберат кои се нивните потреби и приоритети, како изградба на инфраструктура, образование, заштита на правата на работниците, проекти од областа на културата и други иницијативи од локално ниво.

Спасевски за пример ја посочи Швајцарија како земја каде граѓаните редовно се изјаснуваат на референдуми за широк круг на прашања. Исто така во Ирска, во 1995 година на референдум со мнозинство од 50,3% беше легализиран разводот на бракот. Во Шведска во 1955 година е организиран референдум на кој граѓаните на оваа држава одлучувале дали возилата да возат на лева или на десна страна.

Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски рече дека на граѓаните ќе им се објасни зошто се излегува на референдум и каков е начинот на спроведување.

Општина Бутел е прва општина каде се одржуваат обуките на Институтот за стратешки истражувања и едукација, а понатаму ќе продолжат и во другите скопски општини.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.