Од ноември почнува изградбата на водоводната и канализациона мрежа во индустриската зона Визбегово

Проблемот со немање водовод и канализација во индустриската зона Визбегово со кој се соочуваа голем број стопанственици наскоро ќе стане минато.

 

При денешната посета на зоната министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски рече дека очекувањата се проектот да биде готов во 2020 година, но се планира да се вложи поголем напор ако може да биде завршен и до крајот на следната година.

 

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ до Министерството за транспорт и врски денеска го доставило проектот за изградба на водоводот во должина од седум километри, а  министерството во најбрз можен рок ќе подготви тендерска документација и ќе распише повик за изградба. Финансиите за реализација на проектот се испланирани во буџетите на Министерството за следните години. За целиот проект потребни се од 7-9 милиони евра.

 

Во соработка со општина Бутел и Владата инфраструктурно ќе се уреди зоната Визбегово со што, според министерот, ќе се исполни ветувањето пред бизнисмените кои работат тука за обезбедување подобри услови за работа.

 

Во индустриската зона Визбегово работат околу 200 компании, а според градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, има интерес за изградба на капацитети и од други стопанственици поради што се работи на  деталниот план.

 

Во зоната, покрај претстојниот старт на работите за изградба на водовод кој ќе се гради со 1,6 милиони евра и на канализациска мрежа за што ќе се потрошат седум милиони евра, ќе се подобрува и патната инфраструктура.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.