Кривична пријава за поранешниот градоначалник на Општина Центар за несовесно потрошени над 433.000 евра за мостот ,,Око,,

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство поднесе Кривична пријава против поранешениот градоначалник на Општина Центар В.Т., поранешниот секретар во општината М.Т. и вработен во Секторот за уредување на градежно земјиште Д.Р. поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело ,,Несовесно работење во службата,,.

 

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, рече дека по неколкумесечни истражни дејствија, прибирање и поткрепување на докази Управата успешно го реши случајот што се однесува на изведување градежни работи на пешачкиот мост на реката Вардар ,,Око,,, односно тројцата пријавени при вршење на дискреционо овластување и со пропуштање на должен надзор несовесно постапиле во вршење на своите овластувања и должности на име ненаплатени две банкарски гаранции за даден аванс во износ од околу 8,77 милиони денари, како и ненаплатена една банкарска гаранција за навремено и квалитетно извршување на работите на износ од околу 17,88 милиони денари. Со тоа, пријавените го оштетиле буџетот на општина Центар во вкупен износ од 26.653.000 денари.


Директорот Муареми информираше дека нанесената штета во вкупен износ од 26,6 милиони денари или над 433.000 евра пријавените лица се согласија да ја надоместат во целост и парите се вратени на сметката на Општина Центар на 30-ти јуни оваа година.

 

Согласно Договорот за јавна набавка што го склучил градоначалникот на општина Центар во септември 2009 година за изградба на пешачкиот мост на реката Вардар ,,Око,, со правниот субјект ,,Конструктор - инженеринг,, АД за градежништво Сплит во висина од околу 92 милиони денари, како и анексот на договорот со кој вредноста на договорот се зголемува на близу 120 милиони денари, објектот требало да почне да се гради во јули 2010, а рокот за извршување на работите бил 18 месеци, односно заклучно 27 јануари 2012 година.

 

Поради неисполнување на обврските од договорот, прекршување на рокот за изведување на работите, како и поради неквалитетно извршување на веќе изведените работи, во 2012 година општина Центар го раскинала договорот, а за довршување на работите за изградба на пешачкиот мост била спроведена нова постапка за јавна набавка и бил склучен договор со друг изведувач.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.