Доколку се промени ДУП-от, Општина Центар може да предвиди друг објект спроти Холидеј ин само со експропријација

Законски сме обврзани да овозможиме откуп на парцелата на барателите кои ќе го исполнат законскиот основ освен во случај ако градежното земјиште во сопственост  на РМ согласно  важечкиот урбанистички план е предвидено за објект од јавен интерес, наведуваат од Министерството за транспорт и врски по реакциите во јавноста за продажбата на парцелата со намена „колективно домување со деловни објекти“ согласно  Деталниот урбанистички план на Општина Центар и  планираните висококатници на паркингот спроти Холидеј ин.

 

Министерството за транспорт на 25-ти минатиот месец склучи договор за 9.048 метри квадратни државно градежно земјиште со фирмите  „Фешн груп“ и „Обновители“ откако тие претходно се стекнале со над 30 проценти од градежната парцела откупувајќи 4.605 метри квадратни од физички лица и откако го исполниле условот  за 30 проценти сопственост во рамки на градежната  парцела, на 21 август годинава поднеле  барање за дооформување на парцелата преку информацискиот систем за градежно земјиште. Откупеното државното земјиште е во приватна сопственост и  во случај да се промени Деталниот урбанистички  план доколку Општина Центар таму предвиди друг објект од јавен интерес тоа може да го направи само со експропријација.

 

Во општина Центар се уште е во сила мораториум за издавање градежни дозволи за  Деталниот урбанистички план. Намената може да се смени само со промена на ДУП-от, но тој мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план кој Град Скопје го носи на секои 10 години.

 

Градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ вчера изјави дека до општината досега не се доставени ниту проект ниту барање за издавање дозвола за градба на висококатница, но и да биде доставено такво барање тоа ќе биде одбиено, бидејќи планот за делот каде е планирана изградбата на висококатниците е под мораториум и се ревидира, како и триесеттина други планови во општината.

 

Богдановиќ појасни дека на местото кај паркингот кај Холидеј Ин уште од претходно биле вцртани, прво стокатници, а потоа шеесеткатници, од претходната гарнитура на власт,  а сегашното раководство на општината го вовело мораториумот за да може спорните планови да се ревидираат.

 

.be





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.