Општина Центар ќе стави крај на дивеењето на кафулињата низ Центар

Според Богдановиќ сега во Центар нема место за движење на пешаците и велосипедистите од терасите на кафулињата, кои летно време ги зафаќаат и тротоарите и пешачките патени, а зимно време се затворени со стакло.

 

Со новиот правилник за поставување урбана опрема Општина Центар планира да стави крај на дивеењето на кафанџиите низ центарот на градот, вели градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, пренесе сдк.мк.

 

Со Правилникот Општина Центар ќе ги преземе надлежностите на Град Скопје за издавање на одобренија за поставување маси и столици пред кафулињата и кафеаните. Досега кафанџиите поднесуваа елаборати за поставување урбана опрема во Град Скопје, кој им ги одобруваше, а општината требаше да контролира и санкционира доколку се зафаќаше поголема јавна површина. Ваквата процедура создавала потешкотии на општинските инспектори бидејќи не се знаело до каде се постапките со елаборатите и што е одобрено.

 

Со новиот правилник општината точно ќе знае кој објект има дозвола за летна тераса и дали ги почитува одредбите. Најпрво угостителите ќе треба да достават елаборат до Општина Центар и откако ќе им одобри ќе побараат дозвола за вршење на дејност од Град Скопје. Во елаборатите ќе мора да се почитуваат условите, како што е да има на тротоарите 2,5 метри простор за пешаци, а непочитувањето на правилата ќе биде санкционирано со уривање на терасата. 

 

Овој Правилник треба да биде усвоен на Седница на Советот на Општина Центар до крајот на месецов. Потоа тој ќе биде основа за носење одлуки со кои за да се отвори кафуле во зграда, сопственикот треба да има дозвола од 51 отсто од станарите, а доколку нема ваква дозвола нема да му се одобри проектот, а ќе биде ограничено и времето до кога може да се пушта гласна музика на летните тераси.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.