Во Општина Центар субвенции и за електрични велосипеди и тротинети, аплицирање од утре
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 29 Мај 2019
Жителите на Општина Центар од утре може да аплицираат за субвенции за купени велосипеди, електрични велосипеди и електрични тротинети.
Повикот, како што соопштуваат, е во рамките на проектот што Општина Центар го спроведува неколку години во континуитет под мотото „Цел Центар на точак".
Годинава општината ја проширува мерката и вклучува субвенционирање и на електрични тротинети, а годинешното мото на проектот е „Цел Центар на две тркала".
Секој полнолетен жител на Општина Центар кој од утре ќе купи велосипед, електричен велосипед или електричен тротинет може да достави барање за поврат на средства (субвенции) во висина од 30 отсто од вредноста на велосипедот или тротинетот, но не повеќе од 3.000 денари.
Од Општината наведуваат дека потребни документи за аплицирање се: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и оригиналната фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купениот велосипед или тротинет, а правото на субвенција е еднократно.
Барањата со комплетната документација се доставуваат во архивата на Општина Центар – Скопје, барака бр.6, почнувајќи од 30-ти мај, по што подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
-Проектот „Цел Центар на две тркала" има за цел промоција на физичките, спортските и рекретивни активности, но и грижа за животната средина преку стимулирање на граѓаните што повеќе да користат велосипеди и тротинети како алтернативен транспорт. Со тоа значително ќе придонесат кон намалување на сообраќајниот метеж во градот, намалување на загадувањето и заштитата на животната средина, стои во соопштението.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс