Општина Центар најави поставување вендинг-машини за рециклирање

ЈП ПОЦ и Општина Центар најавија дека во 2020 година ќе бидат поставени повратни вендинг-машини за пластични и стаклени шишиња со цел да ги мотивираат жителите да се вклучат во процесот на рециклирање.

 

Директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, најави дека до крајот на 2020 година ќе бидат поставени 27 повратни вендинг-машини, кои локациски ќе бидат распределени на целата територија на општина Центар.

 

„Веќе се набавени 9 машини од планираните 27 и ќе почнеме со нивно поставување на почетокот на март. На овој проект работиме повеќе од една година и сметам дека ќе има големо влијание не само на развојот на нашето претпријатие туку и за подигање на свеста кај граѓаните од потребата за рециклирање“, рече Кичевски.

 

Сите жители што ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад ќе добијат субвенции од Општината во замена за пластични и стаклени шишиња, односно за секое шише ќе добијат одреден прилив на пари на новата платежна картичка Green Pay Card, со која ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и сл. или да плаќаат за услугите што ги нуди претпријатието.

 

„За овој проект Општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година и за секое рециклирано шише е обезбеден 1,5 денар, а воедно обезбедени се и средства за другите 18 повратни вендинг-машини. Се надевам дека овој позитивен пример ќе биде еден почеток во кој понатаму ќе се вклучат и другите општини, институции, како и приватни компании, сè со цел Општината, Градот и Република Северна Македонија да ги направиме поубаво место за живеење“, додаде градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

 

Кичевски најави и воведување мрежен систем за автоматска наплата за отворените и затворените паркиралишта со кои стопанисува со цел да се зголемат контролата и безбедноста на паркиралиштата. Овој мрежен систем вклучува АНПР-камери (камери за автоматско препознавање регистарски таблички), сензори и мобилни АНПР-камери, кои ќе овозможат точна идентификација на возилата и ефикасна контрола и управување со пристапот од сите влезови на паркиралиштата.

 

„Колку за илустрација, според првичните процени, на територијата на општина Центар ќе бидат поставени приближно 1.500 камери во рок од 3 до 4 години. Овој проект значи врзување цела мрежа од камери. со што буквално ќе го имаме Центар на дланка. За жал, поради законските нормативи, ЈП ПОЦ нема да може да чува снимки од камерите, но се надеваме дека по воспоставување на мрежата, сите релевантни институции ќе се вклучат во проектот и со тоа ќе можеме безбедноста во централното градско подрачје да ја кренеме на сосема ново ниво“, објасни директорот на ЈП ПОЦ

.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.