Изедначувањето на цената за паркирање допрва ќе се договара меѓу ПОЦ, Градски паркинг и АДСДП

ЈП Паркинзи на општина Центар (ПОЦ) постојано е во комуникација со Град Скопје и АД за станбен и деловен простор, но засега нема конкретен договор за изедначување на цената за паркирање во центарот на Скопје.

 

Откако ПОЦ ја зголеми цената за паркирање на 70 денари за еден час на нивните паркинзи, граѓаните почнаа да реагираат дека ваквата услуга е двојно поскапа од онаа што ја нуди ЈП „Градски паркинг“ на дел од паркиралиштата во строгиот центар на градот.

 

– Во наредниот период планирано е да се разгледаат можностите за изедначување на цените и градење на заедничка стратегија за понатамошно делување – велат за „Мета.мк“ од ПОЦ.

 

Ова општинско претпријатие има првенствена задача да го решава проблемот со паркирањето, но и да им обезбеди место за паркирање на жителите на општина Центар. Во моментов, ПОЦ има издадено за околу 4.000 повластени паркинг карти повеќе од постојниот капацитет на паркинзите со кои тие располагаат. Како резултат на ова, на неколку локации во Малиот и Големиот ринг во централното градско подрачје граѓаните од околните згради не можат да најдат паркинг место за своите возила, иако имаат повластени паркинг карти.

 

Пазарџиите од Зелениот пазар изминатава недела протестираа поради зголемувањето на цената за паркирање, барајќи да се обезбеди бесплатен паркинг од еден час за купувачите на пазарчето. Во понеделник пазарџиите ќе разговараат со градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ за да се најде решение за паркиралиштето кај „Авто Македонија“.

 

Од ПОЦ нагласуваат дека зголемувањето на цената за паркирање не е единствената мерка што ја преземаат за надминување на актуелниот проблем. Претпријатието секоја година издвојува 10 отсто од приходот за комунална такса, а општина Центар овие средства во 2020 година ќе ги реинвестира во изградба на монтажни гаражи.

 

– Во текот на оваа година планирана е изградба на две монтажни гаражи, едната во Дебар Маало на улица Орце Николов, а другата во Капиштец кај „Дилајла“. Со изградбата на овие монтажни гаражи ќе се обезбедат повеќе од 500 нови паркинг места – објаснуваат од ПОЦ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.