Општина Центар: Вештачењето за пропустите на улицата „9-ти Мај“ ќе биде извршено за периодот од 2007-ма до 2009-та година

Општина Центар изминатиот месец започна со реконструкција на улицата „9-ти Мај“ во населбата Буњаковец, улица со ударни дупки и асфалт, која последен пат е реконструирана во 2009-та година.

 

При реконструкцијата, се увиде дека дебелината на поставениот слој на асфалтот е само три сантиметри, односно дури три пати помало од она што е предвидено во проектот за последната реконструкција, изработен во 2007-ма година.

 

Ја известуваме јавноста дека за улицата „9-ти Мај“ веќе е отпочната постапката за вештачењето на фактичката состојба на улицата во изминатите 11 години.

 

“Вештачењето ќе се изврши врз парчињата асфалт извадени од самата улица и од постоечката документација за улицата. Сакам да напоменам дека ќе ја ограничиме истражната постапката на периодот од 2007-мата до 2009-тата година“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

 

Ова ограничување на постапката, додаде Богдановиќ, е со цел да избегнеме ширење на шпекулации со имиња и одговорност, со единствена цел – да добиеме непристрасна и објективна постапка, која подоцна ќе послужи како основа за понатамошни активности кои општината ќе ги преземе за утврдување на одговорноста во досегашната состојба со улицата “9-ти Мај“.

 

Општина Центар периодов е активна со реконструкција на повеќе улици на нејзина територија, меѓу кои е и улицата „9-ти Мај“, каде стариот асфалт веќе се заменува со нов, со дебелина од 9 сантиметри, а ќе се изведат нови тротари и улицата ќе добие нова урбана опрема и зеленило.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.