Богдановиќ: Ќе продолжиме со расчистувањето на урбанистичките прекршувања од минатото

Утринава, на заедничка прес-конференција, градноначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска, и другите членови, најавија продолжување на почнатите активности со цел расчистување одредени предмети за кои Општината веќе поведе конкретни постапки пред институциите.

Општина Центар до ДКСК достави извештај за повеќе предмети, кои, како што велат од Општината, доколку бидат расчистени од страна на другите институции, ќе придонесат во решавањето на состојбата со урбанистичките планови, кои Уставниот суд, по укинатата општинска одлука за неспроведување на плановите, односно мораториум, ги прогласи за законски и важечки.

„Со предавањето на овие предмети мислам дека заедно со членовите на ДКСК ќе дадеме забрзан тек на работите бидејќи со расчистување на овие предмети ќе успееме да докажеме одредени незаконски работи што се случувале во минатото, а за жал, денеска ги гледаме како последици. Најважно е сите процеси што се водат пред сите институции, но и процесите што ги води Центар, да бидат јасни и чисти и точно да се знае каде се направени прекршувања и кој ќе сноси одговорност за нив“, изјави Богдановиќ на прес-конференцијата.

Тој најави дека во периодот што претстои службите на Општина Центар и градоначалникот ќе продолжат со активности и поднесоци до сите надлежни државни институции со единствена цел - расчистување на сите урбанистички прекршувања што се случиле во 2012 година и претходно.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.