Шанса за Центар: Бараме итно да се запрат сите градежни активности на Водно

Советничка група на Шанса за Центар со барање до Општина Центар и Градоначалникот на Општина Центар за стопирање на сите градежни зафати на Водно.

„Бараме итно да се запрат сите градежни активности на Водно. Да се запре со сечење на шумата на Водно. Се води судски спор "Плацови на Водно" , со кој се истражува и преиспитува законитоста па постапките за продажба на земјиштето. Со тоа бараме да не се преземаат никакви активности во подрачјето, сѐ до правосилно завршување на судскиот процес“, потенцираат од Шанса за Центар.

 

 

Сето ова, како што додаваат, е во прилог на заштита на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, кои се загрозени од сечата на шумата и градењето. Научно и со анализи е докажано, напоменуваат од Шанса за Центар, дека шумата на Водно има клучно значење за заштита на Општина Центар од поплави и порои и е круцијална во борбата против загадувањето на воздухот.

„Бараме да се избегнат и големите трошоци за пробивање на исклучително стрмен пристапен пат до локациите на кои се планира градба, а со тоа и да се заштити правото на приватна сопственост на жителите на кои им се планира одземање на делови од дворовите за пробивање на патот. На средбата меѓу претставници на општината и жителите на Водно која се одржа во понеделникот, жителите најавиле тужба и дека ќе бараат времена мерка за запирање на градежните зафати. Симптоматично е што само неколку часа подоцна, во раните утрнски часови во вторникот инвеститорот со приватно обезбедување почнува да ја оградува парцелата“, појаснуваат од таму.

Бараме, велат тие, општината итно, јасно и со конкретни мерки да застане во одбрана на јавниот интерес и безбедноста на граѓаните.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.