Почнува реставрирање на античкиот театар Скупи

 

Управата за заштита на културното наследство денеска на археолошкиот локалитет Скупи ги презентираше досегашните реализирани конзерваторско-реставраторски работи на античкиот театар.

Реализираните и идните активности ги презентираше директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска, која напомена дека за околу два месеца се очекува комплетната реставрација на античкиот театар во состав на локалитетот Скупи.

 

Како што беше истакнато денеска, во август 2016 година биле почнати конзерваторско-реставраторски работи на гледалиштето на античкиот театар на Скупи, а прекинати во септември 2017 година поради немање дозвола за градба согласно постоечкиот Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на гледалиштето. Поради тоа, а заради соодветна заштита на остатоците од античкиот театар, изработен е Анекс на основниот проект со кој ќе се извршат сите потребни конзерваторско-реставраторски работи согласно со Законот за заштита на културното наследство.



Археолошкиот локалитет Скупи се наоѓа во западниот дел од подножјето на Злокуќанското Кале во општина Карпош. Градот Скупи за време на римското владеење е населен со римски воени ветерани, со што добива статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим. Како единствена римска колонија на територија на Република Македонија, локалитетот Скупи е еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Последните систематски истражувања на театарот во Скупи се реализирани во период од 2013 до 2016 година, од страна на Музејот на град Скопје во соработка со Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.



 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.