Граѓаните реагираат за хаварисани возила во Автокоманда, општината започнува акција за нивна дислокација

На старите и хаварисани возила местото им е во отпад или во гаража, а не на паркинг, каде што зафаќаат место и оневозможуваат да се паркираат возила и покрај проблемот со немање доволен број паркинг места, реагираат жителите.

 

Ваков проблем постои и во населбата Автокоманда во Општина Гази Баба, од каде што жители за овој проблем се обратија до 1-ва скопска. Тие велат дека пријавено е и во општината и во пајак службата, но од пајак службата им посочиле дека надлежноста за отстранување на хаварисаните возила е на општините и за нивното отстранување од јавните површини се грижат општинските комунални инспекторати.

 

Пред неколку месеци кога побаравме одговор и од Општина Гази Баба за тоа кои се плановите на општината за хаварисаните возила, ни одговорија дека општината е запознаена со проблемот со хаварисани возила на јавните површини и токму затоа, надлежни комунални инспектори излегле на терен и на сопствениците на возилата кои не се во возна состојба, им изрекоа опомена за да ги отстранат во одреден рок, но според жителите и она што успеа да го забележи нашата камера, сликата на терен и не е толку променета.

 

Градоначалникот на општината, Борис Георгиевски најави дека после доставените опомени и залепени налепници за сопствениците да си ги отстранат воизилата, започнуваат со акција за нивна дислокација. Акцијата ќе започне од Железара, Автокоманда и Керамидница, а потоа ќе продолжи од Триангла до Хиподром.

 

 

Доколку и понатаму хаварисаните возила не бидат дислоцирани, инспекторите ќе постапуваат согласно законските мерки. Од општината исто така соопштуваат дека дел од сопствениците на кои им биле изречени опомени, веднаш ги отстраниле возилата, а за останатите упатуваат апел да го сторат тоа во најкус можен рок, со цел да се ослободат паркинг местата, во спротивно ќе постапуваат согласно законските мерки.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.