Општина Ѓорче Петров меѓу локациите на кои е можна изградбата на нов Клинички центар

Се уште е неизвесна новата локација на Клинички центар.

 

Откако во јавноста се појавија информации дека Клинички центар нема да се гради во Карпош, поточно во Злокуќани, како што беше првично објавено, како можна локација за изградба на болницата се јавува и општина Ѓорче Петров, на потегот околу скопската обиколница.

 

За поконкретна и точна информација се обративме и до градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кој потврди дека до владата на Република Македонија и до министерството за здравство е доставена целокупната документација за изградбата на Клинички центар на површина од 128 хектари државно земјиште на локацијата позната како Веле Поле.

 

Инвестицијата е проценета на 450 милиони евра. По досегашните одржани состаноци во Владата, на кои свои претставници имала и општина Ѓорче Петров, се чека конечното решение. Како што истакна Наумоски, станува збор за капитален проект, чија реализација ќе значи и забрзан економски развој на општината.

 

Со цел избор на соодветна локација министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев разговараа со пратеници од македонското Собрание. Од Министерството за здравство велат дека целта е да се вклучи и опозицијата во дебатата, а средбата се одржала вчера попладне во македонското Собрание. Биле презентирани предложените локации со цел да се разгледаат сите можни аспекти за да се најде соодветна местоположба за објектот.

 

Во соопштението испратено од Министерството за здравство се наведува дека локацијата за новиот Универзитетски клинички центар треба да биде транспортно пристапна, лесно достапна на граѓаните, економски оправдана, настроена кон животната околина и по можност досега не користена за претходен урбан развој. 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.