Конечно ќе започне изградбата на Универзална сала

Нова Универзална сала

Универзалната сала повторно ќе биде централно место за културни случувања во градот. Изградбата треба да започне следната година, а сегашниот изглед и оригиналноста ќе бидат задржани како и старото име на салата ,,Универзална сала,, наместо Конгресен центар ,,Александар Македонски,, како што беше преименувана.

 

Универзална сала се враќа во градот. Нејзината изградба треба да започне од следната година со што повторно овој значаен објект за Скопје ќе биде централно место за сите културни случувања, под истото име како до пред 3,5 години - ,,Универзална сала,,. Ова денеска го најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов на потпишувањето Писмо за намери за заедничко финансирање во изградбата со Министерството за култура преку кое се дефинираат активностите за инапредување на културата во Скопје.


Шилегов посочи дека реконструкцијата на салата уште од 2009 година била само предизборно ветување, но не биле направени никакви напори за нејзина реконструкција освен што беше променето името во ЈУ Конгресен центар ,,Александар Македонски,, за кое Шилегов посочи дека ќе се промени и ќе се врати старото име ,,Универзална сала,, како што всушност сите ја именуваат и по промената на името. На последното 47-мо издание на детскиот фестивал ,,Злато славејче,, градоначалникот Шилегов најави дека јубилејот 50 години од овој фестивал повторно ќе биде во Универзалната сала.


Министерот за култура Роберт Алаѓозовски посочи дека одличната соработка со Град Скопје ќе придонесе да се изгради објект на културата според сите светски стандарди.


Изградбата на Универзална сала ќе биде според најсовремени стандарди за безбедност, удобност на гледалиштето и за пристапност до објектот. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани, со дополнителни содржини за културни манифестации, но колку точно ќе чини, дали ќе биде реконструиран или изграден комплетно нов објект и на колкава површина ќе се простира се зависи од проектот кој ќе биде избран како најдобар и најефикасен, а во моментов постојат 3 проекта.


Шилегов посочи дека до крајот на оваа година ќе бидат завршени сите постапки, за од следната без проблем да може да започне изградбата. Универзалната сала изградена како резултат на светската солидарност и помош, брзо стана центар на сите културни случувања во градот. Златно Славејче, Буба Мара, Скопски фестивал, концерти, претстави, промоции, илјадници настани се случија во Универзалната сала, а речиси и да нема уметник, музичар кој не настапувал на оваа сцена.


Изградбата на Универзалната сала започнала непосредно по катастрофалниот земјотрес во 1963 како трајно одбележување на хуманата акција на дарителите од странство, а официјално започна со работа на 1 јануари 1966 година. Универзална сала е затворена за посетители од март 2015 година, откако се откорнало големо парче од таванот кое паднало врз седиштата, па од безбедносни причини салата беше затворена за посети.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.