И покрај кампањите и законските казни, новата година повторно ја најавуваат петардите

Иако има уште дваесетина дена до новата година, во вечерните часови веќе почнува да се слуша пукањето на петарди.

 

Ова ја вжештува темата за употребата на пиротехнички средства, кои секоја година и покрај забраната, и кампањите кои се водат, „не излегуваат од мода“.

 

Новогодишната радост и желба за забава може лесно да се претвори во кошмар, токму поради неправилна употреба на пиротехнички средства. Оваа година, одделението за превенција при СВР Скопје, ја започна кампањата ,,Среќна и безбедна 2019 година –петардите не се играчки”, со цел да се подигне јавната свест на граѓаните, првенствено кај малолетната популација за опасноста и последиците од употреба на петарди и други пиротехнички средства.

 

Застрашувачки е податокот кој вели дека на годишно ниво во светот страдаат над 180.000 лица од употреба на пиротехнички средства. Меѓутоа, повредените како што велат од МВР не се само мололетници, меѓу нив има и возрасни граѓани, кои би требало со својот пример да покажат одговорно однесување пред децата. За жал, голем број родителите од желба да им направат мала забава на децата не сфаќаат дека лесно ги доведуваат во опасност.

 

Токму затоа од СВР Скопје упатуваат апел до родителите да не им купуваат петарди и други пиротехнички средства на децата. Од употребата на петардите, најчесто страдаат рацете и очите, а за жал станува збор за трајни последици, кои го отежнуваат понатамошниот живот.

 

Што мислат за употребата на пиротехника, како начин да се прослави новата година ги прашавме и граѓаните. Од нивните одговори забележавме дека или се променила свеста кај населението за употребата на петарди, или имавме среќа да сретнеме само совесни и одговорни граѓани.

 

Од Министерството за внатрешни работи велат дека во овој период од годината превземаат дополнителни акции за лов на дилерите и препродавачите на пиротехнички средства, за кои следуваат и соодветни пријави. Купувањето и активирањето на петарди или пиротехнички средства на јавни места, на улица, во дворови, влезови на станбени згради, претставува законски прекршок за кој е предвидена глоба од 200 до 500 евра.

 

Доколку се набавуваат и дистрибуираат на пазарот, тоа претставува кривично дело за кое е предвидена парична или казна затвор до 3 години, а родителите на малолетниците што не навршиле 14 години ќе мора да платат од 600 до 800 евра, доколку нивните деца пукаат петарди”-велат од секторот за превенција.

 

На пазарите пак, се бара петарда повеќе. Петардите во овој период од годината лесно може да се најдат на пазарите низ градот. Популарните „пиратки“ имаат стандардна цена веќе со години, па така една кутија од 100 парчиња, чини околу 100 денари, додека петардите со поголем динамит се над 150 денари.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.