All for Joomla All for Webmasters

Ако скршите нога на лизгава улица, тужете ја општината

Голем број граѓани секоја зимска сезона се жалат на повреди настанати при пад на лизгавите улици, чија обврска за чистење е на Градот Скопје и скопските општини.

 

Општините изминатиов период информираа дека се подготвени за снежните врнежи, но сообраќајниот хаос кој настана по првите пообилни снежни врнежи го покажува токму спротивното. Со цел да останат неповредени и да избегнат скршеници на екстремитетите, пешаците треба да носат соодветни зимски, нелизгави чизми, и внимателно да одат.

 

Но доколку сепак, се случи повреда на коловоз, тротоар или пешачка патека, како последица од несовесното однесување на локалната власт, граѓаните имаат право да побараат отштета.

 

Од адвокатската канцеларија Конески ги информираат граѓаните дека согласно член 22 став 1 точка 4 од Законот за локална самоуправа „Општините се надлежни за изградба, одржување, реконструкција и заштита на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти, од што произлегува дека во случај на здобиена повреда заради улици кои што не се одржуваат, Општината во чија надлежност е одржувањето на улицата, е одговорна за случените незгоди на самата улица.

 

Оттаму на граѓаните им укажуваат дека доколку се здобијат со повреда од паѓање заради нерасчистена улица, имаат право да побараат надомест на настанатата материјална штета од надлежната општина. Со цел да дознаеме каква е понатамошната постапка се обративме и до Град Скопје од каде што не информираа дека исплатата на отштета при вакви случаи може да се добие само преку судска тужба, слично како во случаите со каснување од кучиња, или оштетени автомобили на сообраќајници. 

 

Од Град Скопје исто така потенцираат и дека Градот е задолжен само за расчистување на коловозите и тротоарите на булеварите и магистралните улици, додека за останатите улици и тротоари се задолжени општините. Дополнително, за расчистување на просторот пред објектите се задолжени нивните сопственици и куќните совети, па во зависност од локацијата каде се има случено повредата се одлучува одговорноста и кој субјект ќе биде предмет на тужбата.

 

Покрај повредите од лизгавите коловози, граѓаните се соочуваат и со опасност од студеното време. Со цел без последици да го надминат студениот бран, граѓаните треба да се облекуваат потопло, бебињата почесто да се проверуваат дали се загреани, срцево болните да избегнуваат тешки вежби и редовно да земаат лекарства, бидејќи се изложени на зголемен ризик за можни здравствени последици при студено време.

 

На работниците им се препорачува да се запознаат со знаците и симптомите на заболувањата и повредите предизвикани од студ, да користат слоевита, комотна и топла облека за студено, влажно и ветровито време, со капи, соодветни обувки, ракавици и да консумираат поголеми количества топли, засладени напитоци и да избегнуваат пијалоци со кофеин и алкохол.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© 2017 MTM ТВ Дооел - Скопје. Изработка и хостинг: Делта Софт ЛТД - Гевгелија. Сите права се заштитени.