Скопските општини интензивно работат на честење на снегот од улиците и тротоарите

Снегот кој интензивно паѓа во текот на вчерашниот и денешниот ден го отежна сообраќајот во Скопје.

 

Според информациите од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје екипите постојано работат на расчистување на паднатиот снег и мразот по улиците.   Приближно 80 работници се ангажирани за расчистување на централното градско подрачје, Старата чаршија, плоштадот и улицата Македонија, како и реонот околу Градската болница, Државната болница и поликлиниката Бит Пазар. Воедно се расчистуваат и посолуваат и пешачките патеки и тротоарите на  мостовите, со цел да се овозможи проодно движење на граѓаните. Како што информираат од претпријатието екипите ќе продолжат со активности и во текот на ноќта.

 

Дирекцијата за заштита и спасување будно ја следи состојбата и оттаму информираат дека доколку пристигне барање за помош тие се подготвени да делуваат. Исто така од ДЗС дадоа препораки до општините навремено да ги чистат улиците за да можат граѓаните безбедно да се движат.

 

Од Општина Ѓорче Петров информираат дека постојано се работи на расчистување на улиците и тротоарите во општината. Зимската служба на Ѓорче Петров, изминатата ноќ фрли 30 тони сол при расчистување на снежните наноси. Ангажирана е 24 часовна дежурна екипа на надвозникот во населбата ,,Даме Груев”. Од општината додаваат дека според техничките можности, денеска се насочени во руралниот дел од општината каде снежните врнежи се поинтензивни. Целта е да не настане отсечување на селата Орман, Кучково и Никиштане. Истовремено, од општината им препорачуваат на возачите да возат внимателно и да не паркираат на улиците со што би се овозможило непрекинато движење на возилата на зимската служба.

 

Од Општина Бутел информираат дека екипите на терен го чистат снегот по улиците во с. Љубанци и Љуботен, кои се во надлежност на општината.

 

И од Општина Гази Баба информираат дека службите за справување во зимски услови на Општина Гази Баба заедно со ЈКП “Гази Баба 2007” се излезени на терен. Пет екипи во координирани акции, кои се распоредени на неколку локации во руралните и урбаните делови, интензивно работат на терен два дена. Од Гази Баба велат дека чистењето е почнато на покритичните точки на високите места како што се Црешево Булачани, Раштак и Брњарци, како и на најпрометните улици угорници “Коце Металец” во Железара, во Ченто улиците “Јужноморавски бригади”, “Сречко Пужалка”, “Товарник” 1 и 2 и “Фуштанска”. Потоа се чистеше снегот во населените места Железара, Автокоманда, Маџари, Ченто, Сингелиќ, Стајковци, Јурумлери, Трубарево. Општинските служби го расчистуваа теренот и пред градинките, амбулантите и  тротоарите. Во сите акции, досега се фрлени околу 100 тони сол и преку 80 кубика ризла.  Вчера и денеска, екипите на кризниот штаб се постојано на терен, ја следат состојбата со цел веднаш да интервенираат онаму каде што треба. Од општината исто така додаваат дека интензивната работа на Гази Баба, заедно со ЈКП Гази Баба и Град Скопје, ја држат состојбата под контрола и засега нема отсечени села ниту населби поради врнежите од снег.

 

Од Карпош пак соопштија дека во текот на изминатата вечер биле  фрлени 35 тони сол. Денеска продолжи акцијата на зимските служби за чистење на снегот во Карпош. Ангажирани се четири  камиони кои главно се концентрирани на расчистување на повисоките места во општината, како Жданец, Трнодол, Средно и Горно Нерези и Бардовци. Дополнително, се чистат и повеќе фреквентни улици: „Варшавска“ (во Тафталиџе 1), „Њуделхиска“ (во УЗ Владо Тасевски), „Ловќенска“ (во Козле) и многу други.

 

Според извештајот од Центарот за управување со кризи во скопскиот регион непроодни се патните правци кон повисоките населени места на Скопска Црна Гора, односно селата Брест, Танушевци и Малино во Општина Чучер Сандево, а тие села немаат и електрична енергија, а во Општина Кисела Вода непрооден е патот од Теферич кон Сопиште.

 

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.