ЈСП Скопје: Автобусите не ги переме зашто е ладно

И покрај тоа што ЈСП Скопје е опремено со перални во автобазите во Ѓорче Петров и во Автокоманда, граѓаните што користат јавен градски превоз секојдневно имаат можност да се уверат колку се нечисти автобусите што сообраќаат низ Скопје.

 

Однадвор се чини дека на нив се залепила целата прашина од скопските улици, а во голем број од автобусите, прозорите и вратите се толку нечисти што на патниците им создава потешкотија да видат на која автобуска станица се наоѓаат.

 

И доколку порано, штом се споменеше хигиената во автобусите, секогаш прстот се вперуваше во приватните превозници, сега слободно може да се каже дека зад нив воопшто не заостануваат ниту возилата на ЈСП „Скопје“. Од јавното сообраќајно претпријатие посочуваат дека патниците се тие кои се виновни за нечистите автобуси, но дури и ако ги земеме во предвид лошите хигиенски навики на скопјани, сепак, останува неодговорено прашањето зошто се избегнува редовното перење на автобусите.

 

Со цел да добиеме одговор на ова прашање се обративме до ЈСП Скопје, од каде што ни потврдија дека поради ниските температури на воздухот и поради опасноста од замрзнување се избегнува миење на автобусите со вода.

 

Ги прашавме и граѓаните кои редовно се возат во автобусите на ЈСП дали имаат забелешки на хигиената во автобусите. Сите потврдуваат дека автобусите се нечисти и под сите европски критериуми кои мора да ги задоволува едно модерно превозно претпријатие.

 

Сепак, ниту внатре состојбата не е ништо подобра. Патниците кои што редовно се возат со автобус, потврдуваат дека нечистотијата не е само поради фрлени отпадоци од некој несовесен граѓанин, туку поради долготрајното неодржување хигиена.

 

Не е доволно хигиеничарите да изметат и да ги соберат отпадоците што останале во автобусот, внатрешноста треба убаво да се измие и дезинфицира, велат револтирано граѓаните кои ги сретнавме.

 

А, во услови кога Скопје се гуши од загадениот воздух, и кога градските власти постојано апелираат да се користи јавен превоз, со цел намалување на загадувањето, сосема оправдано е граѓаните да очекуваат пристојни услови за превезување, особено што јавниот градски превоз е единствената алтернатива што се нуди за движење низ Скопје во замена за автомобилите.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.