Пазарџиите бараат целосно укинување на новиот Закон за зелените пазари

Револтирани од новиот Закон за зелените пазари, кој стапи на сила од 1 јануари оваа година, денеска пазарџиите од Зелен пазар и Бит пазар излегоа на протест пред Собранието.

 

Новиот Закон предвидува пензионерите, вработените или пак луѓе кои остваруваат некакви хонорари, нема да можат да работат.

 

Со донесувањето на Законот, меѓу другото се бара пазарџиите да обезбедат лиценца за работа која чини 3.600 денари, а за втора тезга треба да се платат дополнителни 2.400 денари, што претставува голем проблем за буџетот на пазарџиите.

 

Пред камерата на 1-ва скопска пазарџиите револтирано изјавија дека бараат целосно да се повлече Законот. Велат дека не планираат да вадат лиценци а доколку не биде исполнето нивното барање, протестот ќе продолжи понатаму, ќе се протестира секој работен ден, а протестите ќе бидат радикални.

 

Пазарџиите додаваат дека тие работат регуларно и месечно ги плаќаат сите потребни придонеси. Месечно за тезгите плаќаат по околу 5.500 денари, а доколку до тезгата се стави мало масиче се доплаќа уште 1.500 денари, ако користат магацин, тогаш доплаќаат уште 2.000 денари. Тие велат премногу им се наплаќа а уште ако треба да се плаќа лиценцата тогаш, оптеретувањето на буџетот е преголемо. Ако се соберат сите давачки годишно, тоа чини исто како да се изнајми бутик на најатрактивна локација во Скопје. Пазарџиите велат дека на Зелен пазар има многу празни тезги и нема кој да работи, а со овој Закон ќе ги избркаат младите и ќе останат само пензионерите кој сега не им дозволуваат да работат.

 

Граѓаните кои сакаа да го посетат денеска Зелен пазар и да испазарат наидоа на затворени врати и катанци на празните тезги, а со големи букви имаше закачено дека пазарџиите протестираат.

 

Пазарџиите велат дека и покрај минусните температури протестот ќе се одржува секој работен ден а од следната недела ќе им се приклучат и останатите пазари.

 

Инаку, во Македонија има 15.000 тезги, дел од нив се празни а некои пазарџии држат и по повеќе тезги, но нема прецизна бројка колку пазарџии треба да се лиценцираат.

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.