За новите еко автобуси ќе почекаме уште една година

Обновата на возниот парк на јавниот автобуски превоз во главниот град на државата е процес кој мора да се одвива внимателно и плански со цел да се обезбеди одржливост на урбаната мобилност која целосно ќе излезе во пресрет на потребите на скопјани, сметаат од градската власт.

 

Со околу 600.000 жители Градот Скопје е четири пати поголем отколку што бил пред 60 години. Со оваа брзина на растење на бројот на жители, планирањето на развојот на јавниот автобуски превоз во Скопје станува сериозен предизвик. Ако  го земеме предвид податокот дека со автобусите во 1987 година се возеле околу 150 милиони, а сега само 50 милиони патници годишно можеме да констатираме дека јавниот автобуски превоз во Скопје за три децении изгубил две третини од патниците, сметаат надлежните.

 

Во главниот град  три оператори, два приватни и ЈСП, дневно опслужуваат во просек 200.000 патницитри.

 

– ЈСП „Скопје“ располага со возен парк од повеќе од 300 автобуси што се во возна состојба, од кои околу 200 се двокатни од т.н. даблдекери од кинескиот производител „Јутонг“ кои сообраќаат по скопските улици нешто повеќе од седум години. Исто толку стари се и автобусите од украинскиот производител ЛАЗ кои се околу 60-тина. Остатокот се значително постари модели на Санос, МАН и други производители, информираат од Град Скопје.

 

Согласно најавите од надлежните во Град Скопје од крајот на оваа, најдоцна почетокот на идната година по скопските улици ќе се возат 40-ина нови еко автобуси на еколошко гориво, со  технологија која користи компримиран гас со ЕУРО 6 стандард на загадување. Овие автобуси ќе ги исфрлат од употреба старите дотраени дизел возила на ЈСП, со ЕУРО 2 стандард, без клима и дополнителна опрема.

 

Поголем дел од автобусите планирано е да бидат зглобни, а останатите ќе бидат единечни нископодни. Зглобните автобуси ја имаат таа предност што имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, а со своите четири врати се полнат и празнат многу побрзо во споредба со другите.

 

Минатата година низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители, односно три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да се стекнат искуства и најдобро да се оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот во Скопје, информираат надлежните во Град Скопје.

 

Додаваат дека автобусите на гас се енергетски ефикасни. Споредено со потрошувачката на старите дизел автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што емитуваат значително помалку CO2, речиси и да не емитуваат PM 10 и PM 2,5 честички, а оттаму произлегува и дека речиси воопшто не го загадуваат воздухот. Според градот, со оваа набавка  Скопје ќе добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.