Исчистените црни точки во Скопје, се повторно мета на несовесните граѓани

ЈП „Комунална хигиена" – Скопје продолжува со чистење на црните точки во главниот град. Денеска екипите на претпријатието почнаа акција за чистење на кампусот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј" чиј почеток го означија директорот Абдусамед Шабани, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорката на Институтот за социолошки  и политичко-правни истражувања проф. д-р Бојана Наумовска.

 

Професорката Наумовска во рамките на акцијата нагласи дека прашањето за неправилното одлагање на отпадот во Скопје е повеќедецениско и неговото решавање бара комплексен пристап. Таа посочи дека потребни се научни истражувања за причините на несовесното однесување на граѓаните, но и казнени мерки.

       

ЈП Комунална хигиена во изминатиот период спроведе повеќе акции за чистење на црните точки во градот, а надлежните постојано упатуваат апел до граѓаните правилно да го одлагаат отпадот и да не создаваат диви депонии, но, некако овие апели не стигнуваат до одредени граѓани, локациите каде се чистеше, повторно се затрупани со отпад. Една од ваквите локации е дивата депонија кај Пластичарска, која пред само една недела беше комплетно исчистена, а нашата камера денеска забележа хаос.

 

Директорот на ЈП ,,Комунална хигиена” Абдусамед Шабани пред камерата на 1-ва скопска рече дека решението на овој проблем го гледа во Инспекторатот на град Скопје со казнување на несовесните граѓани кои постојано создаваат диви депонии на локациите каде во изминатите денови се чистеше.

 

Шабани додаде дека во текот на 2018 година Еко патролата има направено 1800 записници на граѓани кои биле затекнати на лице место како неправилно одлагаат отпад, но овие мерки се само од едукативен карактер и не се однесуваат на казнување.

 

Во изминатиот период ЈП ,,Комунална хигиена” спроведе акции за чистење во повеќе образовни институции, беше исчистен дворот на студентскиот дом „Пелагонија" и заводот за згрижување „Ранка Милановиќ".

 

Градоначалникот Богдановиќ ја поздрави акцијата на ЈП „Комунална хигиена"-Скопје и изрази надеж дека овие активности ќе резултираат со почиста животна околина. 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.