Скопје во април ќе биде домаќин на НАЛАС-Генералното собрание на мрежата на локални самоуправи од ЈИЕ

Градоначaлникот на Град Скопје Петре Шилегов вчера присуствуваше на управниот одбор на НАЛАС – Мрежата на асоцијации на локални самоуправи од Југоисточна Европа, што се одржува во Тирана, Албанија.

 

Како што соопштија од Град Скопје, на конференцијата беше усвоен буџетот и програмата на НАЛАС за 2019 година, а беше разгледана и компаративната студија за финансиските состојби на единиците на локалната самоуправа во земјите членки. Присутните ја одобрија и предлог-програмата за Генералното собрание на НАЛАС кое ќе се одржи во Скопје, на 11 април.

 

Шилегов вчера се сретна и со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај. Двајцата колеги разговараа за зајакнување на односите меѓу двата збратимени града и за размена на позитивни искуства. На билатералната средба присуствуваа и директорите на јавните претпријатија „Комунална хигиена", „Улици и патишта", „Паркови и зеленило" и ЈСП.

 

На средбата, градоначалникот Шилегов ја пофали брзата трансформација на Тирана и изрази желба да се продлабочи соработката што ја негуваат двата града, како и размената на искуства од различни области на урбаното живеење.

 

Градоначалникот Велиај, пак, истакна дека двата града можат многу да научат еден од друг, негувајќи го долгогодишното пријателство, особено кога Албанија и Северна Македонија сигурно чекорат по патот на ЕУ интеграциите и НАТО.

 

На почетокот на март, годинава, се очекува градоначалникот на Тирана да го посети Скопје, стои во соопштението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.