Објавен е меѓународниот тендер за набавка на нови автобуси за ЈСП Скопје

На веб – страницата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) денеска е објавен меѓународниот тендер за набавка на нископодни CNG автобуси.

 

Со тоа, ЈСП – Скопје ќе го поднови својот возен парк со 30 до 40 единечни и зглобни автобуси за подобрување на услугите во јавниот градски превоз.

 

Како што информираат од претпријатието, постапката и процедурата ќе се одвива во согласност со правилата и процедурите на ЕБОР, од каде е обезбеден кредит од 10 милиони евра за оваа намена.

 

Новите автобуси со технологија на компримиран гас ќе имаат ЕУРО 6 еколошки мотори, со што директно ќе се намали загадувањето на воздухот од јавниот превоз во Скопје. Нископодните автобуси ќе обезбедат можност за превоз на лица со попреченост, додека зглобните автобуси со нивниот зголемен капацитет е предвидено да ги растоварат гужвите во јавниот превоз за време на сообраќајните шпицови.

 

Меѓународниот тендер ќе се спроведува во две фази. Во првичната етапа ќе се бара од заинтересираните компании да достават понуда со технички карактеристики на идните автобуси, но и со евентуална листа на отстапувања на условите што се утврдени во тендерската документација. По евалуацијата, во втората фаза ќе бидат поканети сите понудувачи што ги исполнуваат квалификационите критериуми на тендерот. Цената по која ќе се набават автобусите ќе биде наведена во втората фаза.

 

Меѓународниот тендер за доставување понуди ќе трае до 3 мај, по што ќе следува фазата на евалуација на доставените понуди од првата фаза. Договорот за набавка на идните еко-автобуси се очекува да започне на 8 јули и да трае околу 9 месеци, се наведува во објавениот тендер на веб – страницата на ЕБОР.

 

Доколку тендерската постапка се реализира успешно, граѓаните на Скопје до крајот на оваа или почетокот на 2020 година ќе се возат во нови автобуси. Договорот за набавка на нови еколошки автобуси меѓу Градот Скопје и ЕБОР се потпиша кон крајот на јануари годинава.

 

Покрај средствата од кредитот, за реализација на проектот ќе се обезбедат дополнителни 1,8 милиони евра од буџетот на ЈСП – Скопје, како и неповратен грант висина од 1,1 милион евра.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.