Град Скопје ќе биде паметен град, а граѓаните преку апликација ќе имаат увид во паркиралиштата

 

Со реализација на проектот „Паметен град“ Скопје ќе стане модерна престолнина, каде што основен двигател ќе бидат напредните информатички технологии.
 
Тоа подразбира систематски собирани, корисни информации, организирани во функционален систем којшто ќе го поедностави секојдневниот живот на скопјани, информира градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

 

Шилегов посочи дека крајна цел на проектот е граѓаните да добијат ефикасни и евтини јавни услуги, со целосен увид во перформансите на градската администрација.

 

Работиме на воспоставување на концепт централен комунален сервис кој има цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални кол-центри, мобилни и веб апликации кои ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми, рече Шилегов.

 

Неговата визија за Скопје има цел да обезбеди и модерно управување со паркинг-местата во надлежност на градот, дигитализација на градските паркинг-места, со централизиран систем на мониторинг и наплата, а секој граѓанин преку корисничка апликација ќе има увид на слободните паркинг-места, во реално време.

 

Како што посочи, паметното осветлување на јавните градски површини, се очекува да резултира со огромни заштеди на трошоците за електрична енергија која ќе ги намали ставките за јавно осветлување.

 

Град Скопје е целосно подготвен да биде лидер во овој процес и да преземе сѐ што е неопходно нашите сограѓани да добијат паметен и функционален град кој ќе биде во чекор со модерните европски градови кои бележат сериозен напредок во ова поле, рече градоначалникот на Скопје.

 

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.