Финални спортски натпревари на екипите од средните скопски училишта

Средношколските екипи од Скопје учествуваа на финалните натпревари на градскиот Фајнлфор за учебната 2018/2019 што денеска се играа во спортскиот центар „Борис Трајковски". Се натпреваруваа осум лиги во четири колективни спортови: ракомет, одбојка, кошарка и футсал, во машка и во женска конкуренција.

 

Прво место во футсал освоија средношколските екипи на „Цветан Димов" (мажи) и „Методи Митевски-Брицо" (жени); во ракомет првопласирани се „Д-р Панче Караѓозов" (мажи) и „Никола Карев" (жени); гимназијата „Орце Николов" е на прво место во кошарка во машка и во женска конкуренција, а  во одбојка првото место го освоија „Методи Митевски-Брицо" (мажи) и „Раде Јовчевски-Корчагин" (жени).

 

Најдобрите екипи од средношколските лиги годинава ќе одат во Подгорица во средината на мај. За поттикнување и наградување на спортот во средните училишта, обезбедени се средства што се наменети за посета на најдобрите градски репрезентации на средните училишта во колективните спортови во еден од збратимените градови на Скопје.

 

Во текот на оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учествуваа 245 екипи, а се одиграа над 1 000 натпревари во кои се вклучија околу 7 000 ученици од 29 средни скопски училишта.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.