На хуманитарен базар се собраа средства за Дневниот центар за деца на улица

 На традиционалниот семеен базар што се одржа викендот во меѓународното училиште „Нова" во Скопје се собраа средства наменети за Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари.

 

Посетителите можеа да купат традиционални специјалитети од кујните на 14 држави претставени на Базарот, меѓу кои најпопуларните беа американската, австралијанската, македонската и јапонската маса. Дополнително, соопштија од „Нова" посетителите имале можност да купат книги и ракотворби од домашни и странски уметници, се одржала и лотарија со вредни награди. Биле изведени и музички точки подготвени од учениците во „Нова" додека најмалите гости уживале во мини – зоолошка градина.

 

Меѓу присутните посетители на семејниот базар биле повеќе амбасадори акредитирани во нашата државакако, меѓу кои и в.д. амбасадорката на САД во земјава, Микаела Швајцер – Блум.

– Базарот е круна на сите општествено-одговорни активности кои се организираат во „Нова" во текот на целата година со цел кај учениците да се всади чувство за одговорност кон заедницата во која живеат и работат. Настанот секоја година сè повеќе се развива и нешто што почна во многу помал размер сега зазема големи димензии. Бројот на луѓе кои го посетуваат базарот е сè поголем, а ние како образовна институција се трудиме да соработуваме со институции на кои навистина им е потребна помош и овие средства ќе им го олеснат секојдневието, велат од меѓународното училиште „Нова".

 

Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и професори од „Нова" во соработка со училиштето. Досега дел од собраните средства на настанот биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника, Домот за деца без родители „11 Oктомври" во Скопје, Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов", Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост" и други. 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.