Поскапува цената на билетот во скопската Зоолошка, а се воведуваат и два дополнителни билета

Билетот за влез во скопската Зоолошка градина ќе поскапи и наместо 50 денари ќе биде 80. Влезот за деца до 3 години и натаму останува бесплатен. Освен што ќе поскапи билетот ќе се плаќа долопнителен влез и во Паркот на диносаурусите, како и во мини зоолошката во која ќе има бебиња животни. Влезот во паркот на диносауруси, ќе чини 50 денари, а за во мини зоолошката посетителите ќе треба да платат плус 20 денари.

 

Тина Мицковска портпаролката на скопската зоолошка за 1-ва скопска изјави дека поскапувањето на билетот се должи на новите содржини кои се воведуваат во зоолошката, како и новите животни кои пристигнаа и кои треба да пристигнат.

 

- Секаде во регионот влез за парк со 15 диносауруси се плаќа околу 5 евра, додека кај нас ќе има 41 диносаурус со природна големина, а влезот ќе чини само 50 денари, доодека пак за мини зоолошката ќе се плаќаат само 20 денари кои ќе се наменат за храна на малите животни, изјави Тина Мицковска.

 

Мицковска додаде дека кога времето е убаво просекот на посетители во скопската зоолошка е околу 20.000 и не очекуваат оваа бројка да се намали со поскапувањето на билетот, напротив очекуваат зголемување на посетителите поради новите животни кои пристигнале или треба да пристигнат, како шимпанза, фламинга и пингвини.

 

По информацијата дека ќе се зголемува цената на билетот ставовите на граѓаните според коментарите на социјалните мрежи се поделени, едни го оправдуваат поскапувањето, други сметат дека е премногу за нашиот стандард и за тоа што нуди Зоолошката.

 

- ,,Карта за кино е 250 денари, па врие од народ. А овде треба и храна и нега за животните,,

 

- ,,60% поскапување е многу, а не треба да се споредува со другите зоолошки, затоа што има голема разлика,,

 

- ,,За кафе и цигари повеќе давате, а за зоолошка многу ви се,,

 

- ,,За семејства со мали примања, зоолошка им беше единствено место каде што можеа да се забавуваат, а со поскапувањето ќе им се скрати тоа задоволство,,

 

- ,,Наместо секој викенд, сега ќе одиме еднаш во неколку месеци,,

 

- ,,И тоа е малку...сакаме убава зоолошка, а плаќаме колку едно кафе во кафана,,

 

Ова се дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи околу поскапувањето на билетот во зоолошката.

 

Во телефонската анкета која ја направи 1-ва скопска по случаен избор, поголемиот дел од испитаниците не се согласуваат со поскапувањето на билетот и воведувањето на дополнителни билети за паркот на диносауруси и мини зоолошката. Тие сметаат дека не треба да се гледа примерот од зоолошките во региионот затоа што стандардот кај нас е многу понизок и другите зоолошки се далеку поуредени и има многу повеќе животни и содржини кои ги нудат, за разлика од скопската зоолошка, а не ги оправдуваат и дополнителните билети од 50 и 20 денари за дино паркот и мини зоолошката, сметаат дека со плаќање влез треба сите содржини во Зоолошката да им се достапни за разгледување.

 

Новите цени за Зоолошката градина треба да стапат во сила на почетокот на јуни, откако административно ќе се среди.

 

Лани скопската ЗОО го сруши рекордот по продадени билети со над 9.500 купени влезници во еден ден.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.