Актуелните настани, случувања, известувања и сервисни информации од градот

Загина возач во сообраќајка на скопската обиколница

 

Рано утрово во 03.40 часот на обиколницата Скопје, во правец од Тетово кон Велес, во близина на клучка Радишани, патничко возило „Опел Астра“ со скопски регистарски ознаки изгубило контрола и се превртело. Притоа, возачот 40 годишен починал на местото, додека едниот сопатник (42) се здобил со телесни повреди и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „8-ми Септември“ за укажување на лекарска помош, а другиот сопатник (29) се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана лекарска помош.

Во скопската населба Тафталиџе, пак,во близина на Катастарот на Р. Македонија утринава се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две возила. Едно од возилата од силината на ударот се превртило поради што морале да интервенираат и пожарникарите. Во превртеното возило имало тројца патници кои за среќа минале со лесни повреди и од страна на противпожарната бригада биле извлечени од превртениот автомобил.

 

Пуштени во употреба новите амбулатски возила на Итната медицинска помош

 

Со цел поефикасно давање прва помош, од денеска во функција се новите шест амбулантски возила на Службата за итна медицинска помош при Здравствен дом на Скопје. Од Здравствн дом Скопје соопштија дека првпат по подолг временски период, службата за Итна медицинска помош во Скопје ќе има на располагање 14 возила. Од Здравствен дом Скопје посочија дека значително се подобрува ефикасноста на Службата за итна медицинска помош, која како единствена за град Скопје и околните населени места, овозможува 24-часовна здравствена заштита во делот на вонболничка ургентна медицина и претставува прва линија за давање на здравствени услуги посебно во делот на животно загрозувачки состојби.

 

Во Аеродром продолжува санација на дупки на улиците

 

Општина Аеродром продолжи со санација на ударните дупки на улиците што се под нејзина надлежност. Во изминатиот период беа санирани дупки на улици во Горно Лисиче, населба Лисиче и Реонски центар во Аеродром, деновиве се работи на санација на ударните дупки на улицата „23 Октомври“ во населбата Острово. Како што соопштија од Општина Аеродром, овие активности ќе продолжат и во наредниот период, со цел да се подобри патната инфраструктура и да се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

 

Филхармонија со концерти на отворено - „Ну Погоди!“ и „Љубов и револуција“

 

И годинава, следејќи ја традицијата, на крајот од сезоната Филхармонија излегува надвор од институцијата, надвор од стандардната концертна практика.

На 23 и на 29 јуни, Филхармонија ќе реализира два концерти под заеднички наслов „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк со почеток во 21 часот, а во соработка со Младинскиот културен центар и Град Скопје.

Првиот концерт ќе се одржи на 23 јуни (недела) и носи наслов „Ну Погоди“. Станува збор за уникатен проект каде што ќе бидат изведени познатите теми од култните цртани филмови од земјите од Источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 70-тите и 80-тите години.

Вториот концерт ќе се одржи на 29 јуни и ќе биде насловен „Љубов и револуција“, повторно под диригентсво на Џијан Емин. Во негови аранжмани ќе бидат изведени едни од најпопуларните песни од сферата на поп-рок и панк музиката која претежно ги одбележа 90-тите години.

 

Од четврток многу топло со температури над 35-тиот степен

 

Од четврток времето ќе биде сончево и многу топло со максимални температури кои на повеќе места ќе го надминат 35-тиот степен. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, в петок максималните температури ќе достигнат до 39 степени, а в сабота до 38 степени. Локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер се очекува уште утре попладне.

 

Дел од Драчево утре без струја

 

Од „ЕВН Македонија“ известуваат дека, утре (среда), заради  технички зафати во дистрибутивната електро мрежа, без електрична енергија ќе останат: во периодот од 09:00 до 15:00 часот корисниците од дел од ул. Партизански Пат во нас. Драчево. (Општина Кисела Вода)

 

Почина поетот Милан Терзовски

 

На 89-годишна возраст денеска почина поетот Милан Терзовски,  соопшти Друштвото на писателите на Македонија. Терзовски е роден во 1930 година во Куманово, а во писателската асоцијација членувал од 1961 година. Автор е на збирките поезија: „Чекори во себе“ (1961), „Омарнина“ (1968), „Балади за Козјак“ (1973), „Постапалки“ (1981), „Галичица“ (1985), „Црно распаќе на песната“ (1991), „Сончев часовник“ (2001), „Азбучна молитва“ (2010). Посмртните останки ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта „Бутел“ утре од 10.30 до 11.30 часот.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.