Информации за сообраќаен режим, актуелни настани, случувања и сервисни информации во Скопје

Привремен режим на сообраќајот на булеварот „Партизански одреди“

 

Поради изведба на градежни работи за реконструкција на коловозот на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од булеварот „8.Септември“ до мостот „Обединети нации“, од денеска ќе биде воведен привремен режим на сообраќајот. Привремениот сообраќаен режим ќе се воведува во неколку фази. Во првата фаза ќе биде затворена крајната десна сообраќајна лента на булеварот „Партизански одреди“, на потегот од мостот „Обединети нации“ до крстосницата со улицата „Лондонска“, во насока на движење кон центарот на градот, но нема да има промена на режимот на движење на автобусите на ЈСП. -Измената во сообраќајниот режим на овој дел од булеварот ќе важи до завршување на градежните активности за реконструкција на коловозот, информираат од Град Скопје.

 

Следните два дена државава во жолта фаза, сончево и многу топло со максимални температури над 35-тиот степен

 

Комисијата за следење на состојбата и ефектите од високите температури при Министерството за здравство апелира до граѓаните во следните денови да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури. Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во текот на следните два дена целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта алертна фаза. Синпотичарите од денеска до недела најавуваат сончево и многу топло со максимални температури над 35-тиот степен.  Од недела во попладневните часови повторно ќе има појава на локален пороен дожд и грмежи, а максималните температури ќе бидат во постепено опаѓање.

 

Признанија за најдобрите спортисти ученици и наставници

 

Градоначалникот Шилегов денеска  во Салата на Советот на Град Скопје, им ги додели благодарниците и наградите на најдобрите  учениците на скопските регионални натпревари. Градот Скопје обезбеди  финансиска поддршка на средните училишта-домаќини на регионалните натпревари, како и благодарници и парични награди на највисоко рангираните средношколци од средните училишта на подрачјето на Град Скопје  и на нивните ментори. Од вкупниот број на учесници на сите натпревари на скопско регионално ниво, наградени се 62  ученика што  имаат постигнато највисок резултат и 3 училишта за групни категории.

 

И во Општина Карпош на новите терени на фудбалското и кошаркарско игралиште во ООУ „Јан Амос Коменски“ денеска се доделија признанија на најуспешните ученици – спортисти во Училишните спортски лиги во ракомет, фудбал, кошарка и одбојка, а наградени беа и професори по физичко образование. Најдобрите спортисти – ученици добија еднократна парична поддршка во вредност од 8.000 денари.

 

Скулптура на гигантски велосипед против крадење велосипеди

 

Скулптура на гигантски велосипед за подигнување на свеста за проблемот со крадење велосипеди е поставен во Скопје. Проблемот со крадење велосипеди тангира преку 150.000 граѓани во државата кои го користат велосипедод како еколошко, здраво и функционално превозно средство. Проценките се дека изминативе десет години се украдени над 70.000 велосипеди, односно на скоро секој велосипедист му е украден најмалку по еден велосипед. Полицијата засега не е успешна во оваа борба и се пронаоѓа секој 1000-ти велосипед.  Велосипедот е изработен од метал и е со димензии 3 х 1.8 метри.

 

Во студентскиот дом „Стив Наумов“ отворена обновената читалница

 

Во студентскиот дом „Стив Наумов“ денеска официјално е отворена обновената читалница. Обновувањето е реализирано во рамките на проектот „Студентски домови без корупција“ спроведен од страна на студентите од студентскиот дом и Младинскиот образовен форум. Акцијата беше спроведена од 1-ви до 12-ти овој месец со цел да се уреди просторот во постојната читалница и дворот во студентскиот дом, а преку донаторска акција ќе се изврши и опремување на библиотеката во рамки на читалницата. – Со оваа акција започнува низата студентски акции во државните студентски домови. Студентските акции од проектот ќе се спроведат во државните студентски домови „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Гоце Делчев“ во текот на јуни 2019 година, велат од МОФ. Проектот „Студентски домови без корупција“ се спроведува од август минатата година и ќе трае до јули годинава.  Примарната цел на проектот е да се поттикнат институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.

 

За 2,9 проценти зголемен бројот на туристи во април годинава

 

Во државава во април годинава се регистрирани 85.017 туристи и 155.238 ноќевања, што во однос на април лани претставува пораст од 2,9 отсто, односно 1,3 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика. Бројот на домашни туристи во април годинава во однос на април минатата година е зголемен за 6,5 отсто, а на ноќевањата за 3,3 отсто,  а кај странските за 1,5 проценти, а ист е процентот и на регистрирани ноеќавања. Најмногу туристи имало од Турција, по која следат туристите од Бугарија, Грција, Германија, Косово, Полска, Кина, Италија,…. Најпосетени дестинаци биле Скопје и езереските места, по што следат планинските, бањските и останатите локации

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.