Сервисни информации и актуелни настани во главниот град

Со високи температури од жолта (алертна) фаза и денеска е зафатена територијата на целата држава.

 

Комисијата за следење на состојбата и ефектите од високите температури при Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури и да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа, доколку е можно во светли бои кои ја рефлектираат светлината.

 

Се препорачува консумирање лесна храна и течности, посебно да се внимава при подготовка и консумирање на храната. Потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

 

Во текот на ваквите екстремно топли денови, се препорачува граѓаните да останат во затворени простории, пред се климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на пропишаната терапија. 

 

Посебен сообраќаен режим поради Задушница

 

Посебен сообраќаен режим е воведен денеска и за време на викендот во периодот од 06 до 16 часот на сообраќајниците околу гробиштата во Скопје поради верскиот празник Задушница.

 

Сообраќајот кон гробиштата Бутел ќе се одвива кружно, односно возилата ќе се упатуваат по улицата „Александар Урдаревски" кон локалниот пат за селото Мирковци до влезот на гробиштата на улицата„Боца Иванова" и ќе се излегува повторно на улицата „Александар Урдаревски".

 

По потреба, пренасочување на сообраќајот ќе има и на гробиштата Ѓорче Петров по улицата „Црногорска", а на гробиштата „Камник" по улицата „Јужноморавски бригади" и улицата „Роман Каскалиевиќ".

 

Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите од полициски службеници. 

 

Пренасочување на сообраќајот поради концертот на Чолиќ

 

Одделението за безбедност на патниот сообраќај утре од 18 до 23 часот ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот поради концертот на пејачот Здравко Чолиќ, што ќе се одржи на стадионот „Тодор Проески" во Скопје со почеток во 20 часот.

 

Како што соопшти денеска МВР, ќе има периодично пренасочување на сообраќајот на булеварот „Илинден", улиците „Аминта 3-ти" и „Наум Наумовски – Борче".

 

За таа цел МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници. 

 

Колони возила на граничниот премин „Богородица", се чека 40 до 50 минути

 

На граничниот премин „Богородица" уште од синоќа, а особено денеска има колони возила поради продолжениот викенд.

 

Од дежурната гранична служба за МИА изјавија дека автопатот е полн со автомобили до казиното „Принцес" и дека за поминување на границата кон Грција се чека од 40 до 50 минути и покрај тоа што автомобилите границата ја минуваат низ сите шест сообраќајни ленти.

 

И на другата страна од границата состојбата е речиси иста. 

 

Нема метеж на Граничниот премин „Табановце"

 

Нема метеж на Граничниот премин „Табановце", информираа денеска надлежните.

 

– За влез во државата се чека пет минути, а за излез четири минути, соопштија од дежурната служба од ГП „Табановце". Сообраќајот се одвива тековно. 

 

Во Скопје санкционирани 36 возачи што ја пречекориле дозволената брзина

 

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје вчера спроведе акциска контрола за откривање на возачи кои ја пречекориле брзината на движење со моторно возило на подрачјето на Скопје, при што се санкционирани 36 возачи кои ја пречекориле дозволената брзина. Откриени се и 64 останати прекршоци за кои се издадени 19 мандатни платни налози и 45 прекршочни платни налози.

 

Почнува новата сезона на скопскиот Аква парк

 

Новата летна сезона во Аква паркот во рамки на СЦ „Борис Трајковски" во Скопје почна денеска во 10 часот.

 

Аква паркот и годинава нуди интересни содржини за сите возрасти: десет атрактивни тобогани, базен со бранови, бумеранг, детски базен, како и новото детско катче за забава во песок.

 

Новитет е и полудневната карта што ќе може да ја користат сите кои во текот на денот се на работа, а сакаат да се релаксираат во попладневните часови.

 

Делови од Центар, Аеродром и Чаир утре без струја

 

Без електрична енергија утре од 8 до 10 часот ќе бидат дел од корисниците од населбата Маџир Маало, делот кај Народна банка.

 

Во периодот од 8 до 11 часот без струја ќе бидат дел од корисниците од улицата „Жорж Бизе" бр.8, ул.„Дванаесетта македонска ударна бригада" со парните броевите од 74 до 82 во Општина Аеродром.

 

Од 8 до 12 часот утре без струја ќе бидат корисниците од улицата „190" во Старата скопска чаршија.

 

Како што сопшти РЦУК-Скопје, прекините се поради планирани технички зафати во дистрибутивната електромрежа во Скопје. 

 

Сончево и многу топло со температура до 39 степени

 

Времето денеска имаме сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност, со слаб до умерен ветер од североисточен правец. УВ индексот иознесува 9. Со дневна температура од 28 до 39 степени.

 

Во Скопје и околината слично време со дневна до 36 степени. 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.