Изречени 645 мандатни казни од комуналните редари на Град Скопје за пет месеци

Комуналните редари на Градот Скопје во првите пет месеци од годинава изрекле 645 мандатни казни, што е четирикратно зголемување во однос на изречените казни во тој период лани.

 

-Комуналните редари на Градот Скопје изминатиов период ги засилија контролите на терен што резултираше со зголемување на казните и опомените и видливи резултати, значително подобрени во однос на претходните години, оценуваат од Градот Скопје и додаваат дека лани биле изречени 149 мандатни казни.

 

Според очевидци, жители на Дебар маало комунални редари биле забележани како чекаат граѓаните да направат прекршок, за да можат да ги казнат, а исто така и локалите кои исфрлаат погабаритен отпад и наместо да го фрлат во контејнер го оставаат до подземните контејнери на платформата.

 

Изречените мандатни казни, се однесуваат на сторени прекршоци според Законот за јавна чистота, член 14, според кој се забранува фрлање и оставање градежен шут на јавните површини, фрлање и оставање различни видови отпадоци, оставање стари предмети од домаќинство, палење, закопување и уништување  смет, продажба и излагање земјоделски и индустриски производи, освен на местата определени за таа намена, превоз на песок, земја, цемент, глина, земјоделско ѓубре, сено, отпад или слични материјали без претходна подготовка и поклопување на материјалите, вклучување во сообраќај на моторни, влечни и запрежни возила од стоваришта или градилишта со валкани тркала, палење и уништување на садовите за собирање смет, уништување на урбаната и друга опрема.

 

Градот Скопје апелира до граѓаните да ја чуваат и да не ја загадуваат животната средина, ѓубрето да го фрлаат исклучиво во контејнерите и корпите за отпадоци, да го чуваат зеленилото, прописно да паркираат и да ги почитуваат одредбите од Законот за јавна чистота.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.