Културни случувања и сервисни информации

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање додека траат градежните работи за реконструкција на дилатационите фуги на мостот на реката Серава, на булеварот Никола Карев, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот.

 

Санацијата на мостот се изведува во летните месеци поради очекуваната помала фреквенција на возила во градот, а поради природата на работите и градежните материјали што се употребуваат сообраќајот на оваа делница се одвива отежнато. Екипите на Градот Скопје ја почнаа реконструкцијата за да се зголеми безбедноста за сите учесници во сообраќајот.

 

Во текот на градежните работи, на мостот се изведува бетонирање и поставување арматура со високи карактеристики. Реконструкцијата на овој мост е планирано да се изврши во рок од 60 дена, но поради процесот на зацврстување на бетонот градежните активности на терен се изведуваат само во текот на 4 дена.

 

Приоритет на Градот Скопје е квалитетното одржувањето на градските сообраќајници и на мостовите што гарантира поголема безбедност и непречено одвивање на сообраќајот.

 

Реакција на Општина Гази Баба за т.н ,,небезбедна јама во Хиподром

 

По објавената информација на порталите каде реагирале жителите за небезбедна јама во школски двор во Хиподром, Општина Гази Баба преку соопштение реагираше каде наведува дека станува збор за дезинформација и невистина. Информираат дека просторот каде се вршат градежни работи во училишниот двор на ООУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром е заштитен со ограда. 

 

-Во интерес на подобро информирање на јавноста сакаме да ве известиме дека просторот каде се извршуваат градежни зафати за изведба на топловод кон зградата на училиштето Вера Јоциќ е целосно затворен со заштитна ограда. За жал во повеќе наврати од страна на училиштето е пријавено дека истата од страна на непознати сторители е оштетувана, при што веднаш се врши нејзина санација.

 

Отворање на изложбата на плакати од европскиот конкурс „Инклузија, не ексклизија"

 

Во рамки на програмата на 12. Скопје постер фестивал, вечерва во Галеријата на МКЦ, се отвора изложбата на 50 плакати со пораки на тема „Инклузија, не ексклузија".

 

– Изложбата ќе презентира 50 плакати на студентите по графички дизајн и визуелни комуникации од речиси целиот Европски континент, вклучително и дела на студенти од земјава, кои изразија цврст став за разбивање на стигмите и табуата поврзани со лицата од социјалната маргина, дискриминираните и несоодветно вклучените индивидуи и општествени групи, соопштија од Здружение на графички дизајнери.

 

Наведоа дека, пропратна поставка ќе биде изложба на дела на дечиња од Посебното основно училиште „Иднина", кои цртале со искористување на различни техники, а со цел подигање на свеста за нивната рамноправна улога во општеството.

 

Изложбата, што е организирана со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, ќе биде отворена за посетителите до 24 јуни 2019 година. 

 

Со поздрав на сонцето ќе почне интернационалниот ден на јогата на скопскиот плоштад

 

Меѓународниот ден на јогата – 22.јуни (сабота), традиционално, во организација на здружението Уметност на живеење – Македонија, а поддржан од повеќе јога школи, друштва и поединци, се одбележува и кај нас.

 

Годинава, настанот почнува во 8 часот на скопскиот плоштад со утрински поздрав на Сонцето, а продолжува со здрав појадок, од кадешто потоа се сели на старото место, во Сити Хол.

 

Таму ќе биде и официјалнто отворање на Интернационалниот ден на јогата од страна на амбасадорката на Индија, Нејзината Екселенција г-ѓа Пуџа Капур, во присуство на членови од дипломатскиот кор од други амбасади, видни личности и медиуми.

 

Меѓудругото, во рамки на настанот во Сити Хол ќе настапи во живо и групата Ката Кали од Јужна Индија. Настанот ќе се затвори со групна медитација во 17 часот.

 

Водата во Дојранско езеро безбедна за капење и рекреација

 

Водата на Дојранско езеро е безбедна за капење и рекреација, според резултатите од најновите испитувања што ги направи Центарот за јавно здравје од Велес.

 

Примероци за анализа на водата биле земени од Градската плажа и од плажите Полин и Гранико.

 

Тестирања на водата во Дојранското езеро ќе се прават уште неколку пати за време на туристичката сезона, во јули и август. 

 

Превртен камион на автопатот Тетово – Скопје

 

Превртен камион направи застој на сообраќајот од Скопје кон Тетово по автопатот „Мајка Тереза".

 

Од тетовската полиција информираат дека се уште не се знае за каков инцидент станува збор, но потврдуваат дека на патот има превртен камион.

 

Полициските  службеници се на терен а сообраќајката е на потегот од првата патарина кон Тетово.

 

Очевидци на настанот инфомираат дека на местото на сообраќајката се упатиле и возила на тетовската противпожарна единица и брзата помош. 

 

Сончево и топло, а попладне нестабилно со пороен дожд

 

Времето во Македонија сончево и топло со умерена облачност, во попладневните часови на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. Температурата од 24 до 33 степени. УВ-индексот ќе изнесува 7.

 

Во Скопје слично време, сончево и топло со умерена облачност. Попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

 

До четврток во попладневните часови ќе се задржи променливо и нестабилно време со честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град. В петок и за време на викендот ќе преовладува сончево време, но ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд со грмежи.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.