(ВИДЕО) Почна реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“

Екипи на Град Скопје, по повеќе децении, денеска ја почнаа реконструкцијата на улицата „Индира Ганди“, што е на граница меѓу општините Бутел, Чаир и навлегува во Шуто Оризари.

 

Градежните активности ќе траат 30 дена, а ќе ги изведува градежното претпријатие „Бетон“. Вредноста на проектот е околу 16 милиони денари.

 

На почетокот на градежните работи денеска присуствуваа градоначалниците на Град Скопје, Бутел и Шуто Оризари, Петре Шилегов, Велимир Смилевски и Курто Дудуш.

 

– Ги почнуваме градежните активности во должина од 1.100 метри. Целосно ќе биде реконструиран коловозот и делови од тротоарите со цел да обезбедиме добра инфраструктура. Ние сме должни како институции да обезбедиме што е можно подобра инфраструктура и да овоможиме граѓаните да ги подобрат условите на нивното живеење, изјави Шилегов.

 

Тој најави дека следните 30 дена ќе има посебен сообраќаен режим и ги замоли граѓаните да го почитуваат.

 

– Скопје заслужува многу подобра инфраструктура од таа што ја затекнав кога дојдов на функцијата градоначалник. На тоа постојано ќе работиме и ќе го подобриме зошто скопјани заслужуваат многу повисоки стандарди за живеење од оние што ги имаа досега, посочи Шилегов.

 

Одговарајќи на новинарски прашања за депонијата „Дрисла“, Шилегов потсети на одлуките што вчера ги донесе градскиот Совет и додаде оти таа е вратена во сопственост на Градот.

 

– Сега треба да бидат спроведени правните постапки и во август да се избере Управниот одбор и новиот директор и да воспоставиме целосна контрола на тој капацитет, изјави Шилегов. 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.