Потпишан договорот за финансирање на Центарот за развој на Скопскиот плански регион за 2019 (ВИДЕО)

Министерството за локална самоуправа денеска со градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион потпиша договори за поддршка, покривање на оперативните трошоци, тековните активности за годинава и за финансирање проектите со кои единиците на локални самоуправи ќе можат да аплицираат следната година до ресорното Министерство.

 

– Скопскиот плански регион нема извори на финансирање, како и сите други плански региони, па така зависи од поддршката на Министерството и на општините кои се дел од овој регион. Секоја година Министерството одделува средства, така и оваа година. Покрај тоа, годинава Министерството ги зголеми средствата за поддршка на рамномерниот регионален развој од 3,5 милиони евра од 2017 година на седум милиони евра оваа година кои се доделени на планските региони, изјави денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

 

Тој додаде дека првпат годинава имало повеќе проекти од колку што имало средства.

 

Милевски информира дела во моментов работат на измени на Законот за рамномерен регионален развој.

 

– Министерството за локална самоуправа во Скопскиот плански регион годинава инвестира 30 милиони денари за финансирање различни проекти за регионален развој, за развој на селата и за специфични подрачја, како ридско планински, погранични подрачја, рече Милевски.

 

Претседателот на Советот за развој на Скопски плански регион и градоначалник на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски информира дека е почната реконструкцијата на регионалниот пат Илинден – Хиподром. Меѓу проектите се и улицата „Рилски конгрес“ во Општина Центар, потпорен ѕид и канал во село Сингелиќ, проектни документации за водоснабдување на Општина Арачиново и проекти со ревизија кои се однесуваат на општините Чаир, Шуто Оризари и Бутел.

 

– Средствата од околу 30 милиони денари ни најмалку не се доволни за задоволување на потребите на сите 17 општини и Град Скопје, но имаме тенденција да побараме и други доплнителни извори за финансирање со цел регионален рамномерен развој, рече Георгиевски.

 

Тој додаде дека иако Скопскиот плански регион важи за еден од најразвиените, сепак има приградски општини кои имаат инфраструктурни проблеми, како Чучер Сандево, Петровец, Зелениково, Арачиново, Студеничани и Сопиште.

 

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов изјави дека потребно е во претстојниот период општините да работат заеднички и треба да се преземат мерки кои се однесуваат на загадувањето на воздухот.

 

Според него, за изворите на загадувањето не треба да се фокусираме само на центарот на градот, туку и на останатите скопски општини. Шилегов најави дека ќе бара преку Скопскиот плански регион и Министерството за локална самоуправа да се преземат сериозни мерки за подобрување на условите на живот.

.be&fbclid=IwAR06Y0AcDYdJBi1djDnZgKNZC8hkI75ilwxx8bJUPHQCQG5dKSMBx-NidYk

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.