Протест во Визбегово против групниот дом за деца

Група жители од населбата Визбегово излегоа на протест во близина на дисперзираниот дом за деца со воспитно социјални проблеми и упатија порака до надлежните дека треба да се дислоцира центарот, затоа што според нив не им било местото на овие деца тука.

 

Тврдеа дека децата од домот не биле згрижени како што треба, излегувале во доцните ноќни часови, тропале по куќи и барале цигари, а биле изложени на опаснот и поради фактот што во близина има камп за бегалци.

 

„Јас лично сум имал средба со две деца од нив и сум ги бркал од мојот двор и тоа доцна навечер. Едното од нив е подисциплинирано, но другите две излегуваат и бараат цигари по куќи. Тоа ли е таа грижа што им ја пружа институцијата. Знаете каква е младината не можеме да се справиме со нашите, а не со овие. Од друга страна, наместо да направат школо, игралиште со клупи за 40 деца колку што ги има во населбата тие фрлаат пари за некакви си домови, кои немаат никаква функција. И ги знаеме тие нивни ветувања, денес се три, утре пет, за кратко време ќе ни донесат десет вакви деца. Ни носат проблем во наслебата, затоа што некој има интерес од тоа“, рече Владо Петковски, жител на Визбегово.

 

Прашани дали биле сведоци на некаков судир на децата од домот со бегалците или други лица, жителите велат дека не биле полицајци и дека нивните укажувања биле превентивни.

 

„Ние не сакаме да изигруваме полицајци, ние едноставно посочуваме дека ризици за немили настани постојат. Затоа и денеска излеговме да го упатиме оваа протестно писмо како превентивна мерка“, рече Бардул Марку, истотака жител на Визбегово.

 

Иако тврдеа дека не се против децата со нарушено поведение, сепак жителите велат дека требало да се дислоцира овој дом. Револтирани се како што велат и затоа што не биле прашани од инститиуцијата за тоа домот да биде сместен тука.

 

„Ние дознавме од медиумите дека носат деца тука. Оваа е нова населба која се гради, никој од нас кои престојуваме тука или имаме имоти не сме прашани дали сме за или против. Бараме да се најде соодветно место за нив, друга локација каде што ќе може да престојуваат , затоа што ова е урбана средина“, додава Марку.

 

Жителите најавија дека ова бил предупредувачки протест, ако не се изнашло решение за нивниот проблем, следниот пат ќе протестираат пред пред Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ, кои стојат зад проектот мали диспрерзирани домови.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.