СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Нема полициски час, угостителите ќе работат, јавниот превоз во функција, долговите за вода без камата

По 66 дена, од денеска се укинува полицискиот час во земјата воведен поради коронавирусот.

Владата донесе одлука од 1 јуни да престанат да важат заклучоците со кои одредени лица беа ослободени од работа, се упатуваа за работа од дома, не патуваа за работа кон градот Скопје, го организираа работниот процес со ротации и слично..

Продолжувањето на работните задачи ќе се извршува со соодветен протокол на работно место кој се однесува на просторните услови, физичкото растојание, носењето лична заштитна опрема...

Родителите кои имаат деца на возраст до 10 години или деца на претшколска возраст се уште ќе останат дома, за нив ќе се чека одлуката за отпочнување на работата на градинките.

 

ПОЧНУВААТ СО РАБОТА УГОСТИТЕЛСКИТЕ ОБЈЕКТИ

Рестораните и кафулињата утре ќе почнат со работа, со прецизно утврден соодветен протокол за нивна работа во отворените делови, односно терасите на овие објекти, а работата во затворените делови и во објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза.

 

МАСКИТЕ, ДЕЗИНФЕКЦИЈАТА И РАСТОЈАНИЕТО ОД 2 МЕТРА ОСТАНУВААТ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ

Граѓаните мора во целост да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од овој вирус и покрај олабавувањето на рестриктивните мерки, велат од Министерството.

Потребно е задолжително носење на заштитна опрема, често миење и дезинфицирање на раце, како и одржување на потребната физичка дистанца од 1.5 до 2 метра.

Во однос на регистрираните случаи со Ковид-19, од министерствто велат дека тие се контролираат во постојана комуникација со медицинскиот тим.

Во овој момент, 50 посто од капацитетите во болничките установи се исполнети, има доволен број легла, заштитна опрема, како и респираторни машини, информираат оттаму.

ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ВООБИЧАЕНО

Јавниот превоз во Скопје од денеска ќе функционира вообичаено, односно без временско ограничување.

Автобусите ќе сообраќаат по саботен возен ред, со исклучок на линиите 9, 19, 20 и 23 часот кои ќе возат по редуциран делничен возен ред.

И натаму не важат бесплатните средношколски билети, како и бесплатниот превоз за возрасни лица (жени со 62 год, мажи со 64 год) во вторник, петок, сабоат и недела.

Не сообраќаат автобуските линии (25, 25А и 25Б) до Средно Водно, туристичката линија „Сити тур“, а не работи и Жичницата на Водно.

 

СТАРИТЕ ДОЛГОВИ ЗА ВОДА МОЖЕ ДА СЕ ПЛАТАТ БЕЗ КАМАТА

ЈП Водовод и канализација - Скопје изврши отпис на побарувања по основ на камата по главен долг и трошоците на постапките кај нотарите и извршителите, заклучно со 31 декември 2017 година.

Согласно одлуката, сите должници имаат можност главниот долг и трошоците по наведените предмети да ги платат без камата на рати, во зависност од висината на долгот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.